Интернетот ни го олесни секојдневието, но донесе и нови закани за безбедноста. Со малку вештина, хакерите можат брзо да дојдат до доверливи податоци што сакаме да ги заштитиме. За таа цел користиме лозинки, но често избираме премногу едноставни комбинации и ги користиме истите на повеќе сметки, што значително го зголемува ризикот од хакирање.
Според неодамнешни истражувања, најчестите лозинки во 2024 година се истовремено и најранливи. Изненадувачки е колку лесно некои од нив се пробиваат, хакерите често имаат потреба од помалку од една секунда.
Најчестите лозинки се едноставни комбинации од броеви и зборови, како: „123456“, „password“, „qwerty123“ или „111111“. Сличен тренд е забележан и во Германија, каде што најраспространетите лозинки се речиси идентични и нивното пробивање е речиси моментално.
Експертите советуваат да се избегнува користење на лични податоци како име, датум на раѓање, име на миленик или адреса, бидејќи тие информации лесно се достапни преку социјалните мрежи и можат да им помогнат на напаѓачите.
Безбедна лозинка треба да биде долга и комплексна. Институциите за сајбер-безбедност препорачуваат лозинки со повеќе од 15 знаци, различни за секоја сметка, со редовна промена и задолжително користење на двофакторска автентикација.
Германската Служба за безбедност на информатичката технологија (BSI) дополнително советува лозинката да содржи броеви, големи и мали букви, како и специјални знаци.
За оние што тешко паметат повеќе комплексни лозинки, решението се менаџери за лозинки, алатки што ги чуваат и организираат лозинките на безбеден начин, често со дополнителна заштита преку двофакторска автентикација. Со тоа значително се зголемува нивото на онлајн безбедност.
Ако вашата лозинка е меѓу споменатите, тогаш време е за промена.
Извор:
Vecernji.hr
Фото: Freepik