Силен земјотрес со јачина од 8,8 степени според Рихтеровата скала вчера го погоди полуостровот Камчатка на рускиот далечен исток, предизвикувајќи цунами со височина до 4 метри, оштетувајќи згради и активирајќи тревоги и евакуации низ целиот Пацифик.
Руската академија на науките соопшти дека се работи за најсилниот земјотрес во регионот од 1952 година. Магнитудата од 8,8 степени го вбројува меѓу десетте најсилни земјотреси некогаш забележани на Земјата.
Во други силни земјотреси, дури и во оние со помала јачина од овој во Русија, имало жртви. Но, по овој земјотрес само неколку луѓе побарале медицинска помош.
Еве како дошло до тоа.
Иако Камчатка се наоѓа на Пацифичкиот огнен прстен, геолошки активна област позната по честите силни земјотреси и вулкански ерупции, таа истовремено претставува едно од најретко населените подрачја во светот.
На полуостровот живеат околу 342.000 жители, а епицентарот бил оддалечен повеќе од 100 километри од најблискиот поголем град. Поради тоа, дури ни инфраструктурата на тој град не претрпела значителни оштетувања од земјотресот.
Со оглед на тоа што се работи за регион кој често е погоден од силни земјотреси, инфраструктурата во градовите е изградена според стандарди што овозможуваат издржливост на такви силни земјотреси. Освен тоа, и високата подготвеност на локалното население одиграла клучна улога во намалувањето на последиците.
Кај силните земјотреси во региони блиски до океанот чести се и појави на цунами како последица на тектонските поместувања. Но овој пат, и покрај високите бранови по земјотресот, немало жртви.
Градоначалникот на округот, Александар Овсјаников, објаснува зошто.
- Имаше доволно време за евакуација на луѓето од погодените острови. Сите луѓе беа во безбедна зона, надвор од опсегот на цунамито - изјави тој.
Поради сите овие фактори, експертите сметаат дека последиците од овој силен земјотрес не биле ни приближно големи како во случаите со други големи земјотреси, на пример, оној во Мјанмар во март годинава во кој загинаа повеќе од 5.000 луѓе, или оној во Турција и Сирија на почетокот на 2023 година кога загинаа околу 60.000 луѓе.
Да потсетиме, тие два земјотреси беа со значително пониска магнитуда од овој во Русија - 7,9, односно 7,8 степени според Рихтеровата скала.
Извор:
Nezavisne.com
Фото:
Twitter