X
 10.09.2025 Живот

Животната приказна на пејачката чија песна 10 години беше забранета во Југославија

Легендарната југословенска пејачка на севдалинки - Нада Мамула била најпозната по песната „Плуча су ми болна“, која во Југославија била забранета повеќе од десет години.

Нада е родена во 1927 година во Белград и уште од мала покажувала талент и љубов кон музиката. Но, нејзините родители сметале дека пеењето не е соодветна професија за една девојка, па таа за брзо се омажила и се преселила во Сараево.

Таму се пријавила на аудиција организирана од „Радио Сараево“. Веднаш била примена и нејзиниот талент за брзо време бил препознаен низ цела Југославија. Настапувала на многу фестивали низ земјата и добивала многу награди. Се раскажувало дека токму Нада го научила Предраг Цуне Гојковиќ да пее.

Но, и покрај сè што постигнала, останала голема празнина и тага поради тоа што никогаш немала деца. Токму оваа тага била инспирација за некои од нејзините песни, а по почетокот на војните во 90-тите години, како Србинка омажена во БиХ, исчезнала.

Таа ретко се појавувала и доживувала големо понижување гледајќи како други пејачи ги изведуваат нејзините песни. Тогаш одлучила да ги фрли сите фотографии и новинарски статии што ја потсетувале на кариерата.

Најтешко ѝ било кога починал нејзиниот сопруг, по 35 години брак, по што одлучила да се повлече и да живее мирно. Починала во 2001 година, на 84-годишна возраст.

Нејзината најпозната песна „Плуча су ми болна“, која прв ја извел Заим Имамовиќ, била забранета 10 години. Песната ја напишал Драгиша Недовиќ додека боледувал од туберкулоза, а се раскажувало дека многу луѓе се обиделе да се самоубијат по слушањето на песната. Од 1950 до 1957 година во Југославија бил забележан скок на бројот на самоубиства од 1.600 на 2.100 случаи, поради што Јосип Броз Тито ја забранил песната.
@jugoplocamusic Nada Mamula - Pluća su mi bolna #nadamamula #jugoploca #exyumuzika #fpy ♬ Bosno moja, divna mila - Nada Mamula

Интересно е што забраната ја укинала неговата сопруга Јованка, која на една веселба ја побарала песната токму во изведба на Нада Мамула. Постојат две верзии на приказната: првата вели дека Јованка тогаш боледувала од туберкулоза, додека втората е дека сакала да му покаже на Тито какво е нејзиното ментално здравје. Сепак, ниту една теорија не е потврдена.

Стиховите на песната изразуваат длабока тага и чувство на неизбежен крај.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот