X
 10.10.2019 Живот

Во Сибир откриен дијамант во дијамант

Луѓето долго време копаат дијаманти, но нов камен ископан од стомакот на Земјата би можел да биде прв и уникатен. Дијамантот сам по себе е празен, но внатре има уште еден дијамант кој слободно се движи наоколу. Дијамантот бил откриен во рудник во Сибир и е наречен „Матрјошка“, по познатите руски кукли-бабушки.

Мааните кај дијамантите се екстремно чести. Всушност, повеќето дијаманти имаат некаква маана или парче минерал заробен внатре. Тоа не е лошо. Напротив, сме добиле пристап до некои прилично ретки работи од длабочините на подземјето токму затоа што биле заробени во дијаманти додека се формирале.

Но, дијамант во дијамант?! Тоа, според руската група за копање дијаманти АЛРОСА, е нешто ново.

„Матрјошка“ не е голем камен - има само 0,62 карати (0,124 грама) и максимални димензии од 4,8 х 4,9 х 2,8 милиметри. Внатрешниот дијамант е уште помал и има 0,02 карати (0,004 грама) и димензии 1,9 х 2,1 х 0,6 милиметри.

Фото: Science Alert

Уникатноста на каменот била забележана во текот на процесот на сортирање и тој веднаш бил испратен на процена. Научниците го изложиле дијамантот на Раманова и инфрацрвена спектроскопија, како и на рендгенска микротомографија.

- Најинтересното нешто за нас беше откривањето на тоа како се формирал воздушниот простор меѓу дијамантите - истакна Олег Ковалчук од АЛРОСА.

Истражувачите имаат неколку идеи кои вклучуваат процеси што може да се случиле во Земјиниот плашт. Според една од нивните хипотези, слој од порозивна поликристалинска дијамантска супстанција се формирал во дијамантот поради ултрабрзиот раст, па поагресивните процеси во плаштот потоа го разложиле. Поради присуството на разложениот слој, едниот дијамант почнал слободно да се движи во другиот, исто како бабушките.

Фото: Science Alert

Тие исто така проценуваат дека дијамантот може да е постар од 800 милиони години, иако тоа сè уште не е потврдено. Според известувањата, дијамантот ќе биде испратен во Гемолошкиот институт на Америка на дополнителни анализи.

Поради тоа што е редок пронајдок, компанијата сè уште ја нема проценето неговата вредност.

- Колку што знаеме, немало таков дијамант во историјата на глобалното копање дијаманти - истакна Ковалчук.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот