X
 28.04.2017 Култура

„Златната палма“ го менува својот изглед


Златна палма
(Фото: Wikimedia/Karel Leermans)

Главната награда на Меѓународниот филмски фестивал во Кан, „Златна палма“, за првпат годинава ќе има дијаманти во знак на обележување на јубилејот на оваа културна манифестација, соопштија од златарницата „Шопар“што ја изработува престижната  награда.

Наградата што се изработува од 118 грама чисто злато оваа година ќе има и 167 ситни дијаманти од 0,694 карати.

„Златната палма“ за првпат е доделена во 1955 година на филмот „Марти“ од  американскиот режисер Делберто Мен, со Ернест Боргнин во главната улога. Таа година на чело на жирито за доделување на наградата бил Марсел Пањол.

Наградата која има благо заоблена форма со стебленце украсено со 19 листови од палма,  се изработува рачно. Содржи 118 грама 18-каратно злато, а во основата има форма на срце. Златната  палма лежи на кристално перниче со форма на дијамант, кое тежи еден килограм. Наградата е уникатна, затоа што секоја година се изработува од различен вид кристал.

Златарницата „Шопар“ избрала две занаетчиски задруги во пустината Атакама во Чиле за изработка на наградата. Занаетчиите изработуваат калапи за златниот дел од наградата, го излеваат златото во нив, кое подоцна го полираат и го прицврстуваат за кристалот што се набавува од Германија.

Златната палма“ се наоѓа во добро обезбеден сеф во златарницата и се предава на жирито во најголема тајност и под силно обезбедување, непосредно пред врачувањето.

Меѓународниот филмски фестивал во Кан оваа година ќе се одржи од 17 до 28 мај.  За наградата ќе се натпреваруваат 18 филмови.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура