X
 10.12.2020 Наша тема

„Една година без рак“. Кој е Кристијан Станковски-Бомбакис, мотиваторот со позитивни мисли напишани на картон

Последната објава на Кристијан Станковски-Бомбакис, на која напиша дека една година нема рак, ѝ го привлече вниманието на јавноста. Многумина беа зачудени, не знаеја дали пораката е лична или, пак, се однесува на оние што воделе битка со тешката болест. Сепак, пораката на Кристијан е лична и храбра. Вели дека поттикот да го направи тоа е да ги охрабри сите што се соочуваат со нешто такво и да знаат дека позитивната мисла многу помага

Најголем број од нашите корисници на социјалната мрежа „Инстаграм“ барем еднаш го забележале момчето со темни очила и брада по прекар Бомбакис додека во рацете држи парче картон на кој со фломастер е напишана кратка порака.
Кристијан Станковски живее во скопската населба Аеродром и се занимава со маркетинг.
Наместо да пишува реферати под секоја фотографија, нешто што најчесто го прават сите на оваа социјална мрежа, тој со кратки креативни мисли напишани на парче картон се фотографира на разни локации низ главниот град, но и низ земјава. Неговите картони се полни со пораки од секојдневието, од актуелните настани и случувања, но и од многу животни ситуации...
Меѓу последните негови објави е онаа со која порача дека една година нема рак, испишана на англиски јазик, која ѝ го привлече вниманието на јавноста. Многумина беа зачудени, не знаеја дали пораката е лична или, пак, се однесува на оние што водат битка со тешката болест.



Сепак, пораката на Кристијан е лична и храбра. Вели дека поттикот да го направи тоа е со цел да ги охрабри сите што се соочуваат со оваа болест и да знаат дека позитивната мисла многу помага.

- На останатите, пак, сакам да им кажам дека среќата не е во парите. Ниту, пак, е во брзањето и нервозата што сето тоа го создава. Треба да уживаат во малите нешта, во тоа да седнеш сам со себе и да си дадеш време за себе! Оттука треба се да почне, па потоа и за грижата за најблиските. Зашто краток е животот и тенка е линијата помеѓу животот и смртта, ама кога велам тенка, велам за дел од секунда - објаснува Кристијан.
Со оваа порака тој сакал на сите да им порача да бидат само позитивни и повеќе да си го ценат животот.



Картонот трпи критика, но и хумор

Идејата да пишува разни пораки на картон ја добил на почетокот на пандемијата.
- Поради корона-кризата во земјата, имав премногу слободно време и ова ми беше на некој начин издувен вентил, да ги пренасочам мислите и да се занимавам со нешто со кое ќе можам барем накратко да избегам од секојдневието - вели Кристијан.



Инспириран бил од пораките на момче од Америка, а потоа таков пример видел и во Србија.
- Си реков зошто да немаме и ние некој во Македонија што ќе пишува пораки на картони-додава Бомбакис.

Но, она со што изминатата година ја освои публиката на „Инстаграм“ е неговиот креативен хумор кој провејува во најголем дел од напишаните пораки на картоните.
- Секојдневните ситуации и многуте глупости што ги правиме, а не сме свесни, ми се доволно голема инспирација за натписите на картоните. Секогаш се наоѓа некој со своја идеја плус, па ми ја споделува и може да се случи и тоа да го напишам на картон. Гледам хуморот да биде често присутен за да се насмееме, да не биде ептен сериозно како што е сè „сериозно“ во нашава држава - посочува Кристијан.



Умее и со младите и со познатите


Често се фотографира и со македонските познати личности кои, заедно со него, на картон ги споделуваат пораките.
- Имам голема поддршка од сите јавни личности со кои досега сум споделил картон. Ме радува што е така - вели Бомбакис.
Се надева дека со помош на следбениците кои во моментов се на влијателни функции, кои го следат од самиот старт и му се голема поддршка, во иднина ќе се смени нешто повеќе.
Вели дека реакциите на неговите следбеници се одлични.



- Веројатно им се допаѓа тоа што го правам, па затоа ме следат. Секако дека има и моменти кога некој не се согласува со нешто, но тоа е нормално. Не можеш секому да му погодиш - низ смеа посочува Кристијан.
За негативните коментари насочени кон него не се лути, туку прифаќа конструктивни критики.
- Не оправдувам навреди, особено од некој што воопшто не ме познава - додава тој.
Според статистиката на „Инстаграм“, вели дека 59 отсто од неговата публика се од 25 до 34-годишна возраст. Посочува дека токму таа генерација е најинтерактивна на неговите постови и најмногу му остава коментари во пораки.



Лекции за културно однесување

Сепак, Бомбакис вели дека тој не може да биде главна причина за некој да смени нешто кај себе.
- Еве, еден прост пример. На соседите сè уште не можам да им укажам дека е културно на поминување во влезот или пред зградата да кажат „здраво“, „добар ден“, дури и по објавувањето на картонот со таа порака, кој го имаат видено сите - објаснува Бомбакис.



Свесен за својата популарност, вели дека иако има многу планови на професионален аспект, сепак, ќе продолжи да пишува мисли на картон оти тие му се заштитен знак.



- Плановите се големи. Имам високи цели, но ќе видиме до каде ќе стигнеме. Се спрема една емисија, едно ток-шоу со водителот Марко Новески. Во оваа фаза не би сакал да откривам повеќе детали - кусо додава тој.


Фото: Кристијан Станковски
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема