X
 10.12.2022 Живот

„Цената што ја платив затоа што сум жена со највисок коефициент на интелигенција во светот“

Мерилин Вос Савант од Њујорк е колумнистка во списанија, бизнисменка, драматург, но најпозната е по тоа што е личност со највисок коефициент на интелигенција во светот, па ја нарекуваат и најпаметната личност на планетата. Нејзиниот коефициент на интелигенција е 228, додека повеќето луѓе имаат просечен коефициент на интелигенција помеѓу 85 и 115.

Не ѝ била дадена шанса целосно да се изрази

Мерилин е родена на 11 aвгуст 1946 година во Сент Луис, Мисури. Таа потекнува од скромно семејство на рудари, а нејзините родители биле имигранти од Германија и Италија.

Уште како дете се истакнувала во науката и математиката. Но, кога наполнила 10 години, нејзиниот живот засекогаш се променил. Нејзината интелигенција тогаш била проценета со помош на два теста. Еден од нив била познатата  Бине-Симонова скала, која се фокусира на вербалните способности користејќи пет компоненти за индикатори за интелигенција и првично била дизајнирана да ги процени менталните недостатоци кај децата.

Чудото од дете постигнало исклучително добри резултати на двата теста, а нејзиниот коефициент на интелигенција од 228 довел до тоа Мерилин Вос Савант да стане дел од Куќата на славните на Гинисовата книга на рекорди за највисок коефициент на интелигенција од 1986 до 1989 година.

Но, набргу се појавиле сомнежи за валидноста на овие тестови и во 1990 година Гинис ја укина категоријата „највисок количник на интелигенција“, со што Вос Савант стана последниот човек за кој се знае дека го држи рекордот.

И покрај таквата интелигенција, Мерилин вели дека нејзините родители се однесувале со неа како со обично дете.

- Идејата беше да бидам независна, да заработувам за живот и всушност не ми се обрнуваше многу внимание, најмногу затоа што бев девојче - вели таа.

Се одлучила за студии по филозофија, но по некое време го напуштила колеџот за да помогне во водењето на семејниот инвестициски бизнис. И во 80-тите години Мерилин била позната како личност со највисок коефициент на интелигенција во светот. И покрај тоа што нејзиниот рекорд бил отстранет од Гинисовата книга, сите зборувале за неа.

Со нејзиниот интелект и убавина, Мерилин се нашла на насловните страници на многу големи списанија, а на некои од нив била и со нејзиниот сопруг, кој исто така бил доста интелигентен и успешен човек.

Прашање за кое ја критикувало половина свет

Тоа што била позната како најпаметна личност на светот ги поттикнувало луѓето постојано да ја предизвикуваат нејзината интелигенција, а тоа одело уште подалеку поради распространетоста на сексизмот во тие времиња. Таа еднаш изјавила дека како млада девојка не била охрабрена да го користи својот талент максимално. Во текот на 50-тите години, кога било откриено дека е гениј, жените не се сметале за способни да направат нешто посебно со својата интелигенција, па затоа не била охрабрена на ниту еден начин.

Нејзиното интервју со Дејвид Летерман покажува како и познатиот водител се обидел да ја предизвика со невкусна шега.



- Дали правиш нешто паметно? - ја прашува Летерман, а потоа додава дека мисли дека е попаметен од неа и дека таа не е најпаметната личност на светот.

Тогаш се случило нешто за кое Мерилин била критикувана од многумина. Еден од читателите на нејзината колумна во списанието „Парада“ во 1991 година ја замолил да го реши популарниот математички проблем познат како Монтихолов парадокс, загатка околу која струката крши копја со децении.

Одговорот на Мерилин не им се допаднал на читателите, но ни на поголемиот дел од стручната јавност низ светот. Одеднаш сите почнале да ја критикуваат нарекувајќи ја неука и сомневајќи се во нејзината интелигенција, иако нејзиниот одговор бил точен.

И покрај жестоките осуди и критики што ги доби, Мерилин продолжи да го живее својот живот претежно подалеку од медиумите. Таа станала член на одборот на Националниот совет за економско образование и служела во советодавните одбори на Националното здружение за надарени деца и Националниот женски историски музеј. Таа сè уште ја води нејзината рубрика „Прашај ја Мерилин“ и живее со нејзиниот сопруг на Менхетен.

Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот