По завршувањето на студиите, а по препорака на нашата истакната пијанистка Илинка Манова, која работи во Њујорк, почнав да работам со истакнатиот виолинист и професор Сергеј Островски. Бев воодушевена од неговиот професионален пристап и начин на работа и уште во прв момент кај мене се јави огромна желба да влезам во неговата класа, раскажува Ева
Да се биде прва виолина во филхармонискиот оркестар, за многумина е врвот во една музичка кариера, додека за нашата виолинистка Ева Богоевска тоа е само мотив повеќе да се надградува музичкото знаење и постојано да се оди чекор напред. Дваесет и едногодишната скопјанка успеа да биде примена на магистерски студии на Факултетот за музичка уметност во Женева (Haute Ecole de Musique de Geneve - HEM) и притоа во неверојатно силна конкуренција да го добие менторството на славниот професор Сергеј Островски, од чија класа излегле низа врвни светски виолинисти.
- По завршувањето на студиите, а по препорака на нашата истакната пијанистка Илинка Манова, која работи во Њујорк, почнав да работам со истакнатиот виолинист и професор Сергеј Островски. Бев воодушевена од неговиот професионален пристап и начин на работа и уште во прв момент кај мене се јави огромна желба да влезам во неговата класа, не само поради фактот што навистина е престиж да се биде негов студент, туку и поради тоа што одлично ни одеше соработката - вели Богоевска.
Со професорот Сергеј Островски
Во нејзината млада, но богата кариера, Ева веќе има завидна колекција на награди и достигнувања, а за издвојување се првите награди на Фестивалот „Сан Ремо јуниор“, на меѓународниот натпревар ,,Сребрен Камертон,“ во Санкт Петербург, Гран при на интернационалниот натпревар за класична уметност и култура во Ерусалим, како и првата награда на реномираниот натпревар за класична музика „Рондо“ во Њујорк, каде што имала настап во познатата сала „Карнеги хол“.
Љубов на прв звук со виолината
Растена во музичко семејство, мајка ѝ е професор по пијано, само прашање на време било кога и Ева ќе се зарази со музиката. Таа првин почнала со пијаното, а на еден од многуте концерти на кои ја носела мајка ѝ се воодушевила од звукот на виолината и веднаш сфатила дека сака да свири на тој инструмент.
- Пијаното ми беше првиот инструмент. Но тоа беше повеќе желба на мајка ми, која е професорка по пијано. Виолина почнав да свирам на седумгодишна возраст. Мајка ми, уште кога бев многу мала, редовно ме носеше на концерти и се сеќавам дека на еден концерт се воодушевив од звукот на виолината и почнав да барам да го заменам пијаното со виолина. Една година учев паралелно два инструменти, а потоа одлучив целосно да ѝ се посветам на виолината. Тоа беше само моја одлука и желба. Мојата помала сестра свири на виолончело. Така, во мојот дом музиката е секојдневно присутна.
- Кај виолината првенствено ме привлекуваше бојата на звукот произведен од инструментот. Но морам да признам дека како дете, често си размислував дека виолината е мала во споредба со пијаното и дека можам да ја носам секаде со себе, да вежбам на различни места. Како мала викендите ги поминував во природа и обожавав да вежбам на отворено. Моите први часови на виолина беа во музичкото училиште и во тогашните просториите на Филхармонија, во домот на АРМ, каде што работев со професор Анна Кондратенко. Имав седум години и само по осуммесечна работа добив прва награда на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“.
Средното училиште заврши за 3 години - најмлад студент во Македонија
Ева има само 21 година, а веќе е прва виолина во Македонската филхармонија. Тоа доволно говори со каква сериозност му пристапила на своето средно и високо образование, со цел молскавично да се искачи на скалилото на најдобрите виолинисти кај нас. Поради талентот и знаењето, средното музичко училиште го завршила за само три години, по што продолжила на Факултетот за музичка уметност во Скопје, и тоа како најмлад студент во државата.
Со пијанистката Илинка Манова
- Средното го завршив за три години бидејќи како посебно надарена и со континуирано одличен успех, а по препорака на професорите, добив можност забрзано да се школувам, па така трета и четврта година средно ги зедов во една. На 16-годишна возраст, како најмлад студент во државата, се запишав на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Олег Кондратенко. За време на моето школување освоив многу први меѓународни награди.
- Омилен предмет, покрај виолина, ми беше оркестар, бидејќи е прекрасно чувството кога повеќе музичари создаваат музика на сцена. Многу го сакав и предметот историја на уметност бидејќи сум голем љубител и на ликовната уметност. Секогаш кога одам да концертирам во друга земја, со огромно задоволство ги посетувам музеите и уживам во тоа.
Ќе живеам тука и ќе комбинирам патувајќи повремено за Женева
Приемот на мастер-студиите на Женевскиот универзитет за музика - HEM (Haute Ecole de Musique) се одвивал во неколку фаза. Главната цел на Ева била да влезе во класата на Сергеј Островски. Програмата за прием била обемна, со исполнување на неколку аудициски фази. Ева за приемниот работела и со Островски, и тоа од почетокот на оваа година. Тие заедно го подготвувале приемниот испит.
- На првата аудиција пратив снимки со програма која ја спремав специјално за таа аудиција. Потоа имав онлајн-интервју на кое прашања ми поставуваа членовите на жири-комисијата. Втората аудиција се одвиваше во Женева, и за таму подготвував нова програма. Програмата за прием на овој престижен универзитет за музика е обемна. Конкуренцијата беше огромна бидејќи аплицираа одлични виолинисти од целиот свет.
- Вработена сум во нашата филхармонија на работно место прва виолина. Свирењето во оркестар ми е огромно задоволство, навистина уживам во работата и се обидувам да го дадам мојот максимум. Не би можела да отсуствувам толку долго време од работа. Ќе живеам тука и ќе комбинирам патувајќи повремено за Женева, усогласувајќи ги работните обврски и магистерските студии.
Најсреќна сум кога сум на сцена
Својата иднина Ева ја гледа на сцената, како што тоа беше случај и досега. Покрај тоа што е зависник од виолината и постојано е со неа, таа ужива и во гледање филмови, а е и дел од оркестарот ФАМЕС, со кој снима филмска музика.
- Не се гледам како педагог, иако сметам дека највозвишеното нешто е да им го пренесеш знаењето на помладите. Јас сум најсреќна кога сум на сцена. Се гледам како репродуктивен уметник-изведувач, било како солист било како дел од оркестар. Не можам да се замислам во ниедна друга професија, освен во музиката. Одредени денови кога сум спречена да свирам, на пример, кога патувам, се чувствувам како да ми недостига дел од мене. Едноставно музиката е мојата духовна храна, без која не можам да си го замислам животот - вели Ева.