На 17 мај 2025 година Тибетанците ја одбележаа 30-годишнината од исчезнувањето на панчен-лама, вториот најважен духовен водач во тибетскиот будизам по далај-лама.
На 14 мај 1995 година, далај-лама го прогласил шестгодишното момче Гедун Чоеки Нијима за реинкарнација на 11. панчен-лама. Но само три дена подоцна детето исчезнало и оттогаш нема информации за неговата судбина. Кинеските власти тврдат дека знаат каде се наоѓа, но даваат минимални детали за него. Според пресметките, денес би имал 36 години.
Амбасадата на Кина во Лондон за Би-би-си изјави дека станува збор за обичен кинески граѓанин што води нормален живот и побара да се почитува неговата приватност.
Потрага по духовен водач
По смртта на десеттиот панчен-лама во 1989 година, која многумина ја сметаат за сомнителна, започнала потрага по неговата реинкарнација. Монаси го пронашле малиот Гедун Чоеки Нијима во Тибет. Според извештај на една невладина организација, кинеската влада ја киднапирала целата негова фамилија и го уапсила монахот што ја водел потрагата.
Фото: INTERNATIONAL TIBET NETWORK
Во исто време Кина назначила свој кандидат за панчен-лама, Гјалцен Норбу, кој редовно се појавува на официјални настани, но не е признат од мнозинството Тибетанци. Оригиналната фотографија на вистинскиот панчен-лама, сè уште дете, е единствената позната слика што се користи како симбол за неговото исчезнување.
Зошто е важен панчен-лама?
Панчен-лама има суштинска улога во признавањето на следната реинкарнација на далај-лама. Ова е особено значајно бидејќи сегашниот далај-лама наполни 90 години. Затоа, многумина веруваат дека Кина сака да ја контролира наредната духовна транзиција во Тибет.
Кинеските власти тврдат дека семејството на детето побарало заштита откако некои лица се обиделе да го изнесат од земјата. Велат дека моментално живее во мир и дека не сака да биде предмет на јавен интерес. Во 1998 година Кина потврдила дека неговата мајка е во затвор, но не кажала зошто.
Иако не постојат официјални информации, тибетските заедници во Индија и Европа продолжуваат со јавни апели и протести. Британски форензички уметник направил компјутерски портрет како би изгледал денес исчезнатиот водач.
Писателот и активист Тензин Цундју верува оти панчен-лама сè уште е жив и дека Кина ќе го употреби за да го наметне својот наратив околу наредниот далај-лама.
Според тибетската влада во егзил, исчезнувањето на панчен-лама е едно од најочигледните кршења на човековите права од страна на Кина.
- Неговиот глас и визија многу му недостигаат на денешниот Тибет - вели портпаролката Тензин Лекшај.
Иако поминале три децении, надежта дека ќе се дознае вистината сè уште постои. За многумина Тибетанци, малиот дечко со црвени образи не е само духовен лидер, туку и симбол на отпор и иднина.
Извор:
ВВС
Фото: The Tibet Museum