X
 11.07.2025 Живот

Луѓето ги поместија половите на Земјата со изградбата на брани

Звучи неверојатно, но е научно потврдено: изградбата на речиси 7.000 брани низ целиот свет ги поместила географските полови на Земјата за повеќе од еден метар, открива нова студија објавена во списанието „Географски истражувачки писма“.

Од 1835 до 2011 година луѓето изградиле толку многу големи брани, што ја исклучиле водата доволно за да го наполнат Големиот Кањон двапати. Притоа, тие не само што го спуштиле глобалното ниво на морето за околу 21 милиметар, туку предизвикале и поместување на масата на површината на планетата - што ја променило рамнотежата на вртењето на Земјата.

- Тоа е како да залепите грутка глина на едната страна од ротирачка топка - топката ќе се навали малку за да ја одржи стабилноста - вели авторката на студијата, Наташа Валенчиќ, од Универзитетот „Харвард“.

Што се поместило?

Надворешната карпа на Земјата (литосферата) лебди на стопената обвивка, така што може да се движи во однос на внатрешните слоеви. Кога масата се прераспределува (на пр., водата се складира зад брани наместо слободно да циркулира во океаните), се случува „вистинско поларно талкање“.

Студијата покажува:

- Од 1835 до 1954 година браните во Европа и Северна Америка го поместиле Северниот Пол за 20,5 см на исток, во правец на Русија и Монголија.

- Од 1954 до 2011 година браните во Азија и Источна Африка го поместиле полот за дополнителни 57 см на запад, кон Пацификот и Северна Америка.

Вкупно: повеќе од 1,13 метри движење за 176 години.


Зошто е ова важно?

Ова откритие покажува дека човечките активности влијаат врз целата планета, па дури и врз основните параметри, како што се положбата на географските полови и распределбата на нивото на морето.

Во просек, во текот на 20 век нивото на морето се искачило за 1,2 мм годишно. Луѓето „задржале“ една четвртина од ова зголемување со изградба на брани, што треба да се земе предвид во идните модели за климатските промени и прогнозите за нивото на морето.

- Покрај ефектот врз нивото на морето, локацијата на браните може да ја промени геометријата на покачувањето на морето - некои места се покачуваат повеќе, некои помалку. Ова е огромен ефект што често се занемарува - вели Валенчиќ.

Браните ни помагаат да ги контролираме реките и да произведуваме електрична енергија, но цената на таа контрола е микропоместување на планетата.

Извор: 6yka.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот