X
 11.09.2019 Наука

Биотехнолошка компанија направи 3Д-печатено срце

Во САД има национален недостиг на донаторски органи - што е ужасна состојба за стотиците илјади пациенти што се на листите на чекање за трансплант. Но, новата технологија има шанса еден ден да го направи донирањето органи застарено.

Од биотехнолошката компанија „Биолајф 4Д“ од Чикаго тврдат дека испечатиле 3Д минијатурно биосрце. Иако сè уште е многу години далеку, долгорочната цел е да се печатат човечки срца кои би можеле да се трансплантираат кај луѓе, како да станува збор за менување батерија на часовник.

Компанијата користела патентирано биомастило - кое компанијата го опиша како слично на желатин - кое било создадено да биде копија на вистинските човечки биоматеријали. Срцето било испечатено на истиот начин на кој обичните 3Д-печатачи печатат мали предмети - слој по слој.

Штом било целосно испечатено, срцето било префрлено во биореактор кој ги имитира условите на човечкото тело, помагајќи им на клетките да се сврзат во ткиво.

Тоа е едно од многуте неодамнешни епохални откритија во 3Д-биопечатачката технологија. Израелска лабораторија при Универзитетот во Тел Авив во април изработи слично минијатурно 3Д-печатено срце кое користи клетки од пациентот. Израелските медиуми пренесуваа дека тоа е првото 3Д-испечатено срце од тој вид во светот.

BIOLIFE4D - The Science of Bioprinting a Human Heart from BIOIFE4D on Vimeo.


Она што го прави посебно новото мини-срце, според „Биолајф 4Д“, е внатрешното функционирање. Срцето има четири големи внатрешни комори и други структури кои обично се наоѓаат во човековото срце.

Покрај предностите, мини-срцето е далеку од подготвено за трансплантација и наместо да обезбедува преживување на пациентот, тоа може да стане алатка за тестирање на кардиотоксичноста - испитување за тоа како лекарствата може да ги оштетат срцевите мускули. Всушност, токму за тоа и е дизајнирано. Според Рави Бирла од „Биолајф 4Д“, срцето е првата потенцијална можност на компанијата за изнесување на неверојатната технологија на пазарот.

Компанијата веќе планира да го зголеми производството и на крајот да добие биоиспечатено човечко срце со реална големина. Но, тоа може да е многу поделикатно отколку што звучи бидејќи за тоа би требало повеќе видови клетки да бидат пренесени до различни региони - процес кој би можел да наложи развивање на дополнителни мастила, смета Бирла.

Како и да е, компанијата сè уште има многу работа пред да може успешно да го трансплантира испечатеното срце кај човек или животно.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука