X
 11.10.2025 Технологија

Кинезите сакаат да го „оладат“ интернетот - ќе ги потопат дата-центрите во морето

Бидејќи глобалниот бум на вештачката интелигенција ја зголемува побарувачката за моќта на компјутерите, дата-центрите трошат огромни количества енергија, а тој глад за струја со текот на времето ќе расте. Голем дел од потрошената енергија оди на ладење. Најновото кинеско решение за намалување на потрошувачката на енергија е навистина необично - потопување на дата-центрите во море.

Покрај брегот на Шангај, инженерите се подготвуваат да спуштат во морето огромна челична капсула полна со сервери. На прв поглед звучи апсурдно, но ова решение одговара на еден од најголемите предизвици во индустријата - намалување на огромните сметки за електрична енергија.

Поради огромната потрошувачка, дата-центрите многу брзо се загреваат, а речиси 40 отсто од вкупната енергија се троши на нивно ладење. Но, океанот би ја вршел оваа функција бесплатно.

Поморската технолошка компанија „Хајлендер“, која стои зад овој проект, тврди дека ваквите подводни објекти можат да заштедат и до 90 отсто од енергијата потребна за ладење, што објаснува зошто Кина стана толку заинтересирана за овој пристап.

Сличен експеримент изведе „Мајкрософт“ во 2018 година покрај брегот на Шкотска. Проектот беше успешен како тест, но никогаш не беше комерцијализиран.

Кина, сепак, не е толку претпазлива. Капсулата кај Шангај, која треба да биде потопена кон средината на октомври, ќе биде еден од првите функционални подводни дата-центри во светот што ќе опслужуваат вистински клиенти.

Можат да се заштеди 90 отсто од енергијата потребна за ладење

Предностите не застануваат само на ладењето. Се очекува капсулата да работи на повеќе од 95 отсто обновлива енергија.

Проектот е делумно финансиран и од државата. „Хајлендер“ претходно добил 5,6 милиони долари за развој на прототип на островот Хајнан, кој сè уште функционира. Центарот ќе опслужува клиенти како „Чајна Телеком“ и државна компанија за вештачка интелигенција.

- Подводните објекти можат да заштедат околу 90 отсто од енергијата потребна за ладење - изјави потпретседателот на „Хајлендер“.

Изградбата на компјутерски центар под море не е едноставна задача. Солената вода предизвикува корозија, па челичната обвивка на капсулата е обложена со заштитен слој од стаклени честички. Одржувањето ќе се врши преку лифт кој ја поврзува потопената капсула со површинската платформа, со што се елиминира потребата од нуркачи. Сепак, инженерите предупредуваат дека ставањето подводни интернет-кабли е многу покомплицирано од изградба на копно.

Некои истражувачи предупредуваат и на можни ризици. Овие системи теоретски би можеле да бидат ранливи на саботажи преку звучни бранови што се пренесуваат низ водата.

Еколозите предупредуваат дека сè уште не е целосно јасно како ќе влијае топлината од дата-центрите врз морскиот свет. Првичните тестови на „Хајлендер“ покажале дека температурите останале во безбедни граници, но долгорочните ефекти сè уште не се познати.

Некои видови би можеле да бидат привлечени од топлината, додека други би ја избегнувале областа. Ако Кина во иднина изгради големи подводни фарми што трошат мегавати енергија, нивниот топлотен отпечаток би можел да стане премногу голем за да се игнорира.

Извор: Rts.rs 
Фото: TangfeiChinady
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија