X
 11.12.2021 Наука

Зошто египетските фараони престанале да градат пирамиди?

Египетските фараони граделе пирамиди и често биле закопани во нив или под нив повеќе од еден милениум. Египетските фараони граделе пирамиди од времето на кралот Џосер, кој владеел од 2630 до 2611 г. пр.н.е., до времето на кралот Ахмосе I, кој владеел од 1550 до 1525 г. пр.н.е. Ахмосе I ја изградил последната кралска пирамида во Египет.

Пирамидите ги покажувале моќта, богатството и религиозните верувања на фараоните. Зошто престанале да ги градат?

По Ахмосе I, почнале да ги закопуваат фараоните во местото познато како Долина на кралевите, што се наоѓало на локација на денешен Луксор. За египетските фараони, пирамидите биле место за воздигнување и трансформација во задгробниот живот и затоа биле од голема важност. Не е целосно јасно зошто фараоните престанале да градат пирамиди, но можеби фактор била и грижата за безбедноста.


Фото: Pixabay

Пирамидите биле ограбувани, па веројатно тоа играло улога во промената, вели Питер Дер Манелиан, професор по египтологија на Универзитетот „Харвард“. Тој открива дека фараоните престанале да ги ставаат гробовите во пирамидите дури и порано бидејќи гробот на Ахмосе I бил ископан во пустината на половина километар зад пирамидата.

Природната топографија на Долината на кралевите може да објасни зошто местото било одбрано за кралските гробници бидејќи таа има врв кој прави да изгледа како пирамида, открива Мирослав Барта, египтолог од Чешка.


Фото: Pixabay

Според некои експерти, топографијата на Луксор можеби играла улога во одлуката да престанат да се градат пирамиди. Регионот нема многу простор и нерамна површина, па бил предизвик за архитектите. Понатаму, фараоните можеби престанале да градат пирамиди поради религиозни промени со кои се препорачувало градење гробници под земја.

Меѓутоа, иако фараоните престанале да градат пирамиди, богатите Египќани продолжиле со таа практика. Бил пронајден приватен гроб кој на влезот имал 7-метарска пирамида. Во првиот милениум пр.н.е. пирамидите станале популарни помеѓу кралските членови и богатите жители и во регион што сега е дел од Судан и делови од Јужен Египет.

Извор: Live Science
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука