X
 12.05.2018 Култура

Дуке, Исмаил, Тијана, Костас... нѐ поведоа на крилјата на сонот, вербата, љубовта

Исмаил Лумановски буквално зборуваше со својот кларинет и со играта на телото. Тивкиот и скромен музичар брилира во секоја тема и заедно со Дуке беше стожер на концертот




Секое враќање дома за еден уметник е емотивно. Како се чувствува, само тој знае, а публиката дознава преку емоцијата што тој ќе ѝ ја пренесе од сцената. Такво нежно и емотивно враќање и спојување со публиката доживеавме синоќа, на првиот од двата концерта на Дуке Бојаџиев заедно со своите пријатели, во Македонската филхармонија. Топлината на неговиот музички сензибилитет допре длабоко во сетилата, ги разнежни и разгали. Уживањето беше видливо и на сцена. А таму, врвни уметници среќни што беа дел од приказната „Сон. Верба. Љубов“.

Дуке и Тијана

Филмските акорди создадени во последните неколку години за македонски и за балкански филмови („До балчак“, „Војната заврши“, музика од новите филмови на Рајко Грлиќ и на Вељко Булаиќ) овој пат ги слушнавме во аранжмани создадени за поинтимен состав на изведувачи. Дуке ни долови како од една идеја за пијано се создава музика за на филмско платно. Нè понесе таму каде што некогаш избегнуваме да одиме, длабоко во себе.

Мартин Ѓаконовски и Костас Анастасиадис

Радост беше да се слушнат светски музичари на домашна сцена, сите (освен гостинот Костас Анастаиадис од Грција) Македонци што успеале во светот, а некои се врв на домашната сцена. Исмаил Лумановски буквално зборуваше со својот кларинет и со играта на телото. Тивкиот и скромен музичар брилира во секоја тема и заедно со Дуке беше стожер на концертот. Тијана Дапчевиќ по долги години ја видовме во поинакво и понежно светло. Со Дуке докажаа дека времето не застанало за нив, иако одамна не соработувале. Тијана ја потсети публиката колку всушност недостигаат настапи на македонските пејачи со оркестри, како што некогаш тоа беше одлика на нашите фестивали на забавна музика.


Бојаџиев на сцена го придружија и: Мартин Ѓаконовски-Шпато на контрабас, Владимир Крстев и Маја Ефремова-Шеќерова на виолина, Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело.
А кај што оди музиката, таму е и поезијата.
Со стихови од Петре М. Андреевски и Ана Бунтеска, актерката Наташа Петровиќ даде посебна убавина, а заедно со Дуке изведоа дует. Со „Сон.Верба.Љубов“, Дуке Бојаџиев заокружи плодна речиси десетгодишна музичка одисеја. Вториот концерт ќе биде вечерва во 19:30 часот во Македонската филхармонија.

Наташа Петровиќ интерпретираше стихови и изведе дует со Дуке
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура