Температурите на Антарктикот овој месец надминаа 15 °C, со што е срушен претходниот зимски топлински рекорд за тој инаку замрзнат регион, што предизвикува загриженост. Новата рекордна зимска температура од 15,4 °C е забележана на 6 јуни во аргентинската база Есперанца на полуостровот Тринити, и тоа среде долготраен топлински бран за време на кој највисоката дневна температура три недели по ред била над нулата, пишува Гардијан.
Научниците наведуваат дека измерената температура од 15,4 °C е за дури 2 степени повисока од претходниот рекорд поставен на истата станица во 1998 година.
-Ова е неверојатно. Тоа е воедно и дваесетина Целзиусови степени над нормалата за ова време од годината. Станува збор за огромна аномалија - изјави Раул Кордеро, еквадорски професор по климатологија од Универзитетот во Гронинген.
Невообичаено силни топли ветрови од север дувале преку поголемиот дел од Антарктичкиот Полуостров. Според Кордеро, една чилеанска метеоролошка станица, Бунен Ривера, забележала температури од речиси 13 °C.
Кал и дожд го заменија снегот
На островот Кинг Џорџ, оддалечен 160 километри од базата Есперанца, истражувачите велат дека пејзажот се променил од претежно бел во кафеав, сив и зелен, откако температурите на 6 јуни достигнале 4,6 °C.
-Минатиот викенд беше многу невообичаен. Температурите овде беа многу високи, па сè надвор се стопи. Во ова време од годината обично имаме 20 сантиметри снег и многу мраз - изјави чилеанскиот глациолог Луис Муњоз.
Човечкото влијание и долгорочните трендови
Антарктичкиот Регион е под сè поголем човечки притисок, како директно преку истражувањето на ресурсите и туризмот така и индиректно преку согорувањето на фосилните горива што ја загреваат планетата.
Научниците предупредуваат дека некои од најголемите ледници во регионот, како Твајтс и Пајн Ајленд, се приближуваат или можеби веќе ја преминале точката на пресврт која би можела да го подигне глобалното ниво на морето за четири метри. Исто така, утврдено е дека топењето на антарктичкиот мраз ја забавува глобалната циркулација на океаните. Кордеро појасни дека еден зимски топлински бран, колку и да е екстремен, сам по себе нема значително да влијае врз нивото на морето, но укажува на загрижувачки долгорочни трендови.
-Овој топлински бран се случи поради исклучително силните западни ветрови.Таквите ветрови се јавуваат со сè поголема зачестеност од осумдесеттите години, а познато е дека тоа е поврзано со климатските промени - изјави тој.
Фото: magnific