Научниците открија нешто доста вознемирувачко во снегот на Антарктикот – микропластика. Ова е уште еден доказ за тоа колку е раширено загадувањето со микропластика. Истовремено, ова е првпат овие ситни честички пластика да бидат пронајдени на толку изолирани локации, се вели во Британско антарктичко истражување.
Истражувањето, чии резултати беа објавени во списанието „Сајнс оф д тотал енвајрнмент“, беше спроведено во близина на научните кампови Глечер Јунион и Глечер Шанц, како и во близина на американската истражувачка станица во близина на Јужниот Пол. Ова е првпат да се користи нова, напредна техника за детекција на микропластика, при што некои од честичките биле со големина на црвено крвно зрнце.
Висока концентрација на микропластика
Она што најмногу ги изненадило истражувачите е високата концентрација на микропластика – од 73 до 3.099 честички на литар снег. Повеќето честички, дури 95 отсто, биле помали од 50 микрометри, што е приближно колку големината на човечките клетки. Ова укажува на тоа дека претходните мерења ја потцениле вистинската количина на микропластика бидејќи тогашните методи биле помалку чувствителни.
Новите алатки овозможуваат детекција на честички поголеми од 11 микрометри.
- Со развојот на овие техники можеме да анализираме многу помали честички микропластика отколку порано. Всушност, откривме дека микропластиката во снегот е 100 пати поголема од она што претходните истражувања на Антарктикот го покажаа - изјави д-р Емили Роландс, морски еколог од Британското антарктичко истражување.
На трите истражувани локации се идентификувани најчестите видови пластика, како што се полиамид (од текстил), полиетилен терефталат (од пластични шишиња и амбалажа), полиетилен и синтетичка гума. Додека полиамидот сочинувал половина од откриената микропластика во близина на научните кампови, тоа не било случај со пооддалечените контролни точки.
- Сметаме дека, барем кога станува збор за полиамидот, ова загадување потекнува од локални извори – можеби од облеката што ја носиме, јажињата, знамињата што ги користиме за обележување безбедни патеки и предметите во камповите. Потребни се дополнителни истражувања за да разбереме колку од микропластиката на Антарктикот потекнува од локални извори, а колку е пренесена од далечни места - изјави д-р Клара Мано, океански еколог од Британското антарктичко истражување.
Не е поштеден ниту еден дел од планетата
Сè уште не е познато како микропластиката влијае врз овој замрзнат екосистем. Досега, микропластика е пронајдена во организмите на пингвините, фоките и рибите.
- И покрај строгите регулации за материјалите што се внесуваат на Антарктикот, нашите откритија покажуваат дека микропластиката е присутна дури и во најоддалечените области. Ова само ја потврдува упорноста на загадувањето со пластика - ниту еден дел од планетата не останал недопрен - вели д-р Кирсти Џонс-Вилијамс, коавторка на истражувањето.
Научниците се загрижени поради неодамнешните откритија дека количината на микропластика во човечкиот мозок двојно се зголемила за само осум години, а во човечкиот мозок има доволно пластика за да се формира една пластична лажица.
Извор:
Bas.ac.uk
Фото: Steve Gibbs, BAS