X
 12.07.2025 Живот

Алфа-мажјаците кај приматите се мит - ново истражување открива посложени односи меѓу половите

Ново истражување ги побива широко прифатените ставови дека мажјаците доминираат врз женките кај приматите, откривајќи многу посложени и посуптилни односи на моќ меѓу нашите блиски роднини.

- Долго време имавме целосно бинарна претстава за ова прашање. Mислевме дека видот или е доминиран од мажјаци или од женки, и дека тоа е фиксирана карактеристика. Сега, новите истражувања ја оспоруваат оваа идеја и покажуваат дека вистината е многу покомплицирана - вели приматологот Елиз Хушар од Универзитетот во Монпелје.

Истражувачки тим од Франција и Германија прегледал голем број научни трудови за интеракции меѓу мажјаци и женки кај приматите со цел да се утврдат хиерархиските односи. Анализирани биле случаи на агресија, закани и однесување, што укажува на доминација или покорност, на пример, кога едно животно се повлекува за да му отстапи место на друго.

Во период од пет години истражувачите собрале податоци од 253 популации на 121 вид примати, меѓу кои и мајмуни, лемури и други слични видови. Се покажало дека конфронтациите меѓу спротивните полови се многу почести отколку што претходно се мислело, во просек, повеќе од половина од сите интеракции во групите вклучувале мажјак и женка.

Јасна доминација на мажјаците, дефинирана како победа во над 90 отсто од тие конфронтации, била забележана само кај 17 отсто од популациите. Меѓу нив се вбројуваат бабуните и шимпанзата, кои се и најблиски роднини на човекот.

Од друга страна, кај 13 отсто од популациите е забележана јасна доминација на женките, особено кај лемурите и бонобо-мајмуните.

Тоа значи дека кај дури 70 отсто од приматите, или мажјаците или женките можат да се најдат на врвот на социјалната хиерархија.

Најсилна доминација на мажјаците се јавува кај видови каде што тие имаат физичка предност поради поголеми тела или посилни заби. Исто така, оваа доминација е почеста кај копнени видови, каде што женките имаат помалку простор за бегство или криење, за разлика од оние што живеат по дрвјата.

Женките, пак, почесто доминираат во заедници каде што имаат контрола врз репродукцијата. На пример, гениталиите на женките бабуни набубруваат кога се во овулација, поради што мажјаците будно ги чуваат во тие неколку дена, не дозволувајќи друг да се доближи.

Кај бонобо мајмуните, пак, овие промени се помалку очигледни.

- Мажјаците никогаш не знаат кога женката е во овулација или не. Како резултат на тоа, таа може да се пари со кого сака и кога сака, со многу поголема слобода - објаснува Хушар.

Доминацијата на женките е почеста кога тие меѓусебно се натпреваруваат, а мажјаците се вклучени во грижата за потомството. Кај такви видови, женките често се осамени или живеат во пар со мажјак, што го поврзува моногамниот живот со женска надмоќ.

Дали ова може да се примени и на нашиот вид? Иако постојат многу разлики помеѓу луѓето и другите примати, Хушар вели дека ние би спаѓале во категоријата каде што ниту еден пол нема постојана доминација.

Извор: Science Alert
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот