X
 12.12.2022 Здравје

Предложени законски измени со кои се забранува влез на невакцинирани и непрележани лица во затворени објекти

Комисијата за европски прашања ја одложи денешната седница на која требаше да се расправа по предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на население од заразни болести. Седницата е одложена за 14 декември, согласно распоредот на веб-страницата на Собранието.

Според предлог-законот, во случај на појава на заразна болест, се предлага забрана за влез во објекти за лица кои не се вакцинирани или немаат потврда за прележана болест. Министерството за здравство, исто така, ќе може преку примена на технолошки методи да спречи ширење на заразната болест.

Во членот 28 се додава нова потточка со која се забранува влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест.

Во член 29, пак, се додава нов член 29 а, кој заради спречување на ширење на заразни болести, дозволува Министерството да примени технолошки достигнувања како интернет-платформи, паметни апликации, електронски услуги и слично, при што во однос на обработката на личните податоци се применуваат прописите од областа на заштита на личните податоци, како и соодветни технички и организациски мерки за да се обезбеди ниво на безбедност на личните податоци соодветно на ризикот.

- Заразните заболувања, поради своите епидемиолошки карактеристики, јавувањето во епидемиска форма, оштетување на здравјето, смртноста, високиот морбидитет и морталитет, претставуваат не само медицински, туку и социјален, економски и финансиски проблем за секој здравствен систем и значајна закана за здравјето на населението. Една од мерките за успешно и навремено сузбивање на заразните болести е задолжителното пријавување и информирање за појава на заразни болести и епидемии - пишува во новиот член 29а.

Се додава дека Светската здравствена организација евидентира болести што не познаваат граници и идентични фактори на ризик, заради што препорачува засилување на националните системи за надзор над појавата и ширењето на заразни болести и воспоставување мрежи на комуникација на национално, регионално и пошироко ниво, како одговор на ваквата состојба. Притоа, основниот принцип е приспособување на здравствената заштита кон потребите на човекот и населението.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населени од заразни болести е со европско знаменце, односно треба да се изгласа по скратена постапка.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје