X
 13.02.2023 Наша тема

Кога бев студент со маестро Дијана Имери Илкоска: „Отсекогаш знаев дека сакам да бидам диригент“

- Еден професор ми рече дека немам толкав талент за да сработам нешто на ваков начин како што е сработено и дека од мене никогаш нема да стане диригент, едноставно некои жени се создадени да им се предадат на семејството и на домашните обврски. Во тој момент се почувствував многу непријатно и навредено, се присетува Дијана.

Отсекогаш знаев дека сакам да бидам диригент, но во тоа време да се запишете на отсекот Диригирање беше вистински предизвик, еден вид искачување на највисоката планина наречена музичка уметност и во тоа успеваа само најуспешните, вели Дијана Имери Илкоска, еден од нашите најнадежни диригенти.

Имери Илкоска уште од своето дипломирање во класата на професорот Саша Николовски-Ѓумар соработува со престижни оркестри и ансамбли како Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Оркестарот и хорот на Бугарското национално радио, Камерниот оркестар на МММ, камерниот и симфонискиот оркестар на ФМУ, мешаниот хор при ФМУ и други ансамбли.

- Таа посветеност да станам диригент подразбираше секојдневна и целодневна работа, изучување, проучување, проширување на знаењата, посетување концерти и многу други активности кои ме окупираа во секој момент од мојот живот - се присетува Имери Илкоска, која е во брак со нашиот врвен пијанист Дино Имери.

Дијана двапати студирала на додипломски студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Првите студии ги почнала во 2007 година на отсекот Музичка теорија и педагогија и хорско диригирање, а вторите во 2010 година на отсекот Диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Во 2018 година ги завршила постдипломските студии, стекнувајќи се со магистратура за музичка интерпретација и композиција во класата на проф. Борјан Цанев.

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, ја навративме Дијана на факултетските предавања, дружења, предизвици.



Мајка ми ми беше инспирација и животен пример

Имајќи ја својата мајка како идол, Дијана ја почнала својата музичка приказна на пијаното. Уште од најрана возраст поминувала многу време пред инструментот обидувајќи се да ја репродуцира музиката што ја слушала и успевала во тоа.

- Мајка ми е дипломиран музичар-теоретичар и долгогодишен педагог во музичкото училиште во Скопје. Таа ми беше инспирација и животен пример. Сосема несвесно и ненаметливо ме насочи кон музичката уметност уште од најрана возраст. Како дете бев изложена на музика од најразлични жанрови, а во нашиот дом постојано се пееше, играше и се дискутираше за музика, и тоа со огромна љубов - се присетува Дијана.

Дијана се пронашла себеси во средното музичко училиште и тогаш сфатила дека е на вистинското место и затоа никогаш не се поколебала за одлуката да се запише таму.

- Можам да го издвојам предметот Хармонија, кој почнав да го учам во втора година од средното образование кај проф. Владимир Талевски. Знаев дека сакам да станам диригент и затоа бев цврсто убедена дека за да го остварам тој сон, треба да ги совладам сите предмети што во тој момент ги изучував на многу повисоко и потемелно ниво од она што го бараше насоката музичка теорија - додава Дијана.



Приемниот испит на ФМУ беше многу сеопфатен и исцрпен

Кога дошло време за упис на Факултетот за музичка уметност во Скопје, знаејќи за колкав степен на подготвеност се работи, Дијана решила да ги започнам студиите на отсекот Музичка теорија и педагогија и таму да се стекне со знаење и искуство што ќе ѝ служат како темел врз кој ќе може да се изгради како иден диригент.

- Самиот приемен испит беше многу сеопфатен и исцрпен, со највисоки критериуми. Од еден иден студент по диригирање се очекуваше да покаже вистинско знаење од сите области и сфери во музиката, а доказ за тоа е фактот што во цела генерација примаа само двајца студенти, и тоа едниот од нив во приватна квота. На студиите по музичка теорија и педагогија се трудев максимално да соберам знаење од сите професори што тогаш ми предаваа, а набрзо почнав да остварувам успеси по сите предмети, при што не само што ги завршував испитите во рок, туку и повеќето од нив со највисоки оценки - раскажува Дијана.



Предавањата на професорот Саша Николовски-Ѓумар ѝ биле омилени

Од сите професори успеав по нешто да научам, од повеќето како не треба. Имаше и сѐ уште има професори кои успеваат најубавото да го претворат во банално со непотребно теоретизирање, според мене, вели Дијана.

- Сакам моите повеќегодишни и исцрпни студии да ги паметам по убаво, а не по лошо, па затоа секогаш со насмевка и задоволство се присетувам на долгите часови по диригирање кај мојот професор Саша Николовски. Тие ми беа омилени часови, тука се разговараше за музика, за уметност, за книжевност, за филмска уметност. Покрај тоа што од мене бараше детално проучување на партитурата по пат на хармонска, формална, оркестрациска анализа на музичкото дело кое го диригиравме, секогаш со беспрекорна умешност знаеше во часот да проткае други теми кои неосетно ќе ги поврзеше со делото што го работевме. Го паметам буквално секое предавање што сум го имала кај него затоа што имаше толку многу знаење во себе, но и знаеше како да го пренесе - се присетува Дијана.

Музиката е апстрактна уметност, така што Дијана смета дека е невозможно да се оценат знаењата на студентот со оценка од 6 до 10 и затоа бркањето висок просек не ѝ било приоритет. Во фокусот на вниманието секогаш ѝ било вистински да ја совлада материјата за да ѝ користи како алатка во иднина како диригент.

- Во текот на моето студирање имав такво искуство што за истиот предмет и сосема иста материја од еден професор бев оценета со највисока оценка, а од друг со најниска и обратно. Испитите ги подготвував секојдневно во текот на целата студиска година. Меѓу многуте предмети што ги слушав, неколку беа непосредно поврзани со компонирање, односно да се создаде или оркестрира музичко дело со претходно одредена форма и претходно одреден музички стил и манир. Испитите по диригирање се полагаа секојдневно, односно секој час беше своевиден испит, така што тешко е да се каже и да се пресмета во минути, часови, седмици или месеци подготовката на еден испит во тоа време - објаснува Дијана.



„Од тебе никогаш нема да стане диригент. Некои жени се создадени да му се предадат на семејството“

Дијана пробивала пат во професија во која доминираат мажи, па уште на факултет, и тоа од еден од нејзините професори, имало обиди да биде обесхрабрена, со цел да се определи за нешто друго, а не за диригенството. Тоа само било мотив повеќе за Дијана.

- На час кај еден од професорите што ми предаваа, а не би го именувала затоа што не би сакала да се почувствува поголем од тоа што е, покрај одлично сработената задача која ми беше зададена, професорот ми рече дека немам толкав талент за да сработам нешто на ваков начин како што е сработено и дека од мене никогаш нема да стане диригент, едноставно некои жени се создадени да им се предадат на семејството и на домашните обврски. Во тој момент се почувствував многу непријатно и навредено, но набрзо потоа се насмевнав во себе и си реков: „Ќе присуствувате на моите концерти, на кои со насмевка ќе ви покажам дека успеав и дека згрешивте во вашата процена за мене“. До ден-денес професорот не присуствувал на мој концерт, баш затоа што мислам дека сѐ уште има тежина да си признае дека погрешил - вели Дијана.



Денешните студенти се далеку понеспремни и помалку потковани

Иако била целосно посветена на студиите, Дијана се трудела да најде време за дружење со пријателите кои повторно, на еден или на друг начин, беа поврзани со музиката и уметноста, односно редовно посетување на концертите на Филхармонија, опери и балети, како и други културни настани.

- Мојот најдобар и најверен другар, а воедно и колега од тоа време е мојот денешен сопруг, пијанистот Дино Имери. Исто како и кога бевме студенти, до ден-денес слободното време го поминуваме пред пијаното свирејќи или слушајќи музика од различни жанрови. Зборуваме за музиката и животот, разменуваме идеи и се трудиме позитивно да си влијаеме еден на друг, да пораснеме не само во професијата, туку и лично. Со дел од моите колеги секојдневно соработувам и сѐ уште правам музика, а и со оној другиот дел чии патишта не ни се вкрстуваат професионално - раскажува Дијана.

Дијана студирала вкупно 8 години затоа што студирала двапати. Двата факултети ги завршила во рок, без ниту еден паднат испит, со просек од околу 9,50. Иако се поминати само десет години од нејзиното дипломирање, таа гледа промени во денешното студирање во споредба со порано.

- Вистински парадокс е што денешните студенти се далеку понеспремни и помалку потковани, а имаат многу поголеми можности да застанат пред оркестрите, додека пак во моите студентски години беше токму спротивното - завршува Дијана.






Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема