Ако некогаш сте поминале повеќе време на аеродром, сигурно сте биле сведоци на чудно, па дури и вознемирувачко однесување. Од луѓе што спијат на подот или прават јога пред екранот со информации за летови до расправии и екстремни ситуации. Но, што ги тера патниците да се однесуваат поинаку од вообичаено?
Последниве години бројот на инциденти со патници што го губат трпението или се впуштаат во агресивни постапки значително се зголеми. Токму поради тоа, некои авиокомпании, како „Рајанејр“, предлагаат ограничување на консумацијата на алкохол на аеродромите и во авионите за да се намалат конфликтите.
Но, аеродромите сами по себе имаат посебна динамика која го менува начинот на однесување. За некои, патувањето започнува веднаш штом ќе пристигнат на аеродромот, што значи возбуда, нетрпеливост и желба за уживањето да започне што поскоро. За други, пак, самата помисла на летање предизвикува стрес и анксиозност, што ги тера да бараат утеха во алкохолот.
Психологија на хаосот – што го прави аеродромот толку посебен?
Истражувањата во областа на психологијата покажуваат дека луѓето се многу чувствителни на своето опкружување. Вревата, метежот и чувството на неизвесност што владее на аеродромите можат да доведат до засилена раздразливост и зголемена емоционална реакција.
Покрај тоа, аеродромите може да се гледаат и од психогеографска перспектива – како зони каде што границите стануваат нејасни. Преминувањето на пасошката контрола значи влез во „ничија земја“, просторот меѓу државите. Дури и концептот на време е нарушен – честопати патуваме во друга временска зона, а некои авиони дури пристигнуваат пред времето на полетување поради временските разлики.
Во оваа средина, личните граници се разнишани и тоа не само во негативна смисла. Некои патници чувствуваат ослободување од своите секојдневни улоги и почнуваат да комуницираат поотворено со непознати.
Според теориите на Фројд, во вакви моменти може да дојде до премин од нашето „цивилизирано јас“ кон порефлексивниот, инстинктивен дел од психата – ид. Ослободени од рутините и ограничувањата, некои патници се препуштаат на импулсивни постапки.
Доколку на ова се додаде и алкохол, инхибициите се уште помали, што доведува до непредвидливо однесување. Токму затоа, некои експерти сугерираат дека намалувањето или забраната на алкохолот на аеродромите може да биде решение за спречување инциденти.
Освен хаос, аеродромите нудат и можност за слобода
Но, не сè е негативно. За некои, ова чувство на „исклучување“ од реалноста е освежувачко. Како што вели психологот Стив Тејлор, времето може да биде заробувач, но кога го губиме вообичаениот ритам, се чувствуваме ослободени.
Излегувањето од секојдневните улоги и препуштањето на непредвидливоста може да биде искуство што не само што нè менува, туку и го подобрува нашето расположение.
Извор:
Rts.rs
Фото: Freepik