X
 13.04.2018 Наука

Седум работи со кои Ајнштајн го задолжи човештвото

Иако беше физичар и математичар, а не изумител, теориите на Ајнштајн инспирирале и им помогнале на многумина без чии изуми денес не би можеле да си го замислиме животот. Навидум едноставните откритија се засновани на сложени теории на најголемиот научник на 20 век.

1. Должни сме му за телевизорот

Квантната теорија за светлината на Ајнштајн вели дека светлината се состои од рој честици, фотони, чија маса на мирување е нула, а се шират со брзината на светлината. Теоријата, исто така, објаснува што се случува со електроните на некои метали кога ќе ги погоди молња и тоа се нарекува фотоелектричен ефект. Теоријата подоцна доведе до изумот наречен телевизор и други современи екрани, како паметни телефони, компјутери и слично.

2. Каква боја има небото

Нема да верувате, но додека Алберт Ајнштајн не ставил точка, научниците се прашувале каква боја има небото. Благодарение на него, сите се согласуваат дека небото е сино.

3. Ги поставил темелите за создавање ГПС и за ласери

Автономните возила денес не би можеле да возат ако Ајнштајн не изнел две познати теории. Неговата најпозната, општата Теорија на релативноста од 1915 година, помогнала за создавање многу технологии, меѓу кои и ГПС (Глобален систем за позиционирање), без кој таквите возила не би можеле да се движат. Сателитите што им испраќаат податоци на ГПС-уредите мора да ги земат предвид влијанието на гравитацијата и брзината со која се движи возилото. Без теоријата на Ајнштајн, тоа не би било познато и сателитите на секои пет дена би грешеле за осум километри, а таквиот ГПС никому не би му бил од помош.

Во втората, квантна теорија на специфичната топлина, тој опишал како да се направи ласер кој им помага на таквите автомобили да го гледаат патот и препреките.

ajnstajn
Фото: Wikipedia

4. Заговарал против нуклеарната енергија

Секако, најпознатата равенка што ја знаат сите е E=mc2, а таа ја објаснува врската меѓу енергијата и масата. Со помош на неговиот заклучок, знаеме како мала количина маса може да се претвори во голема количина енергија, а на таа претпоставка се заснова и знаењето за нуклеарната енергија.

Ајнштајн учествувал во проектот „Менхетн“ - американско истражување кое довело до создавање на атомските бомби фрлени во Јапонија во 1945 година. По нападот тој се повлекол од проектот и почнал да заговара против таквото оружје.

5. Ни помогна да сфатиме што се молекули и атоми

Брауновото движење е движење на честиците кои се многу поголеми од атомите и обичните молекули, но премали за да бидат видливи со голо око во некој флуид. Ова откритие на Ајнштајн помогнало да се сфати дека постојат атоми и молекули.

6. Направил фрижидер на кој не му била потребна електрична енергија

Фрижидерот на Ајнштајн користел амонијак, вода и бутан и не му требало многу енергија за работа. Но, неговиот изум не нашол широка примена бидејќи во тоа време - 30-тите години од минатиот век - фреонот ги заменил дотогашните плинови и веќе немало потреба за оваа технологија.

7. Неговата теорија ни помогна да сфатиме како го доживуваме времето

Теоријата за релативноста е едно од најпознатите дела на Ајнштајн, објавено во 1905 година. Тој во ова дело објаснува дека времето и движењето се релативни и дека зависат од набљудувачот под услов брзината на светлината и природните закони да останат непроменети.

- Кога седите со убава девојка, еден час се чини како минута, но ако седнете на топла печка, минутата ви изгледа подолга од час - тоа е релативност - објасни Ајнштајн.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука