X
 13.05.2021 Наука

Како се произведува медицинскиот кислород, неопходен за ковид-болните?

Медицинскиот кислород стана една од најважните работи во борбата против ковид-19, особено кога пациентите развиваат пневмонија и хипоксемија - ниско ниво на кислород во крвта.

Десетици пациенти со ковид-19 во Индија починаа поради акутен недостиг на кислород, со што неговото производството и снабдувањето се најдоа во центарот на вниманието.

Кога се користи медицински кислород? Како се администрира? Кои земји произведуваат најмногу? И како се произведува? На овие прашања одговараме во продолжение.

Влијанието на ковид-19 врз белите дробови

Вирусот САРС-КоВ-2 во многу случаи е насочен кон респираторниот систем, што доведува до воспаление на белите дробови. Во тешки случаи може да дојде до хипоксемија, што е водечка причина за смрт кај ковид-пациентите.

Нивото на сатурација на кислород во крвта (SpO2) над 95 отсто е здрав опсег за деца и возрасни. Нивото на сатурација на кислород под 90 отсто се смета за опасно. Според Светската здравствена организација (СЗО), околу 20 отсто од ковид-пациентите ќе имаат потреба од терапија со кислород за да се спречи респираторна инсуфициенција.

kovid
Фото: Twitter

Видови терапија со кислород

Кислородот може да се администрира на различни начини. За ниски до умерени недостатоци на кислород, пациентите може да се стават или на носна канила - медицинска цевка што минува низ двете ноздри - или на едноставна или резервоарска маска за лице. Во овие случаи се доставува од 1 до 15 литри кислород во минута за да се надополни редовното дишење на пациентот.

Доколку се потребни поголеми количини кислород, пациентите може потоа да се стават на носна канила со голем проток, машина за постојан позитивен притисок на дишните патишта (CPAP) или вентилатор. Во овие случаи, до 100 отсто од кислородот што човекот го вдишува доаѓа од цилиндер за медицински кислород. Во случај на вентилатор, може да биде потребно континуирано снабдување со кислород за да се одржува пациентот во живот.

Од каде потекнува медицинскиот кислород?

Неколку земји, особено оние со ниски до средни приходи, се соочуваат со недостиг на кислород. Во Индија, која забележа рекорден број случаи во изминатите неколку недели, се проценува дека се потребни 17 милиони кубни метри кислород дневно.

Според индиското министерство за здравство, се произведуваат само околу 7 милиони кубни метри кислород. Овој недостиг значеше дека илјадници луѓе на кои им бил потребен кислород биле одбиени и како резултат на тоа починале.

Во 2019 година, според Светска банка, од 102 земји што се дел од синџирот за трговија со медицински кислород, 10 земји извезле до 80 отсто. Белгија беше водечки нето-извозник со 23,6 милиони долари, следена од Франција со 14 отсто, потоа Португалија со 8 отсто.

1
Фото: Аl Jazeera

Како се произведува медицинскиот кислород?

Воздухот што го дишеме е составен од околу 78 отсто азот, 21 отсто кислород и 1 отсто други гасови, вклучувајќи јаглероден диоксид. Медицинскиот кислород е најмалку 82 отсто чист кислород и се произведува во индустриски капацитети пред да се достави до болниците во боци со гас под притисок или во течна форма во големи резервоари. Во текот на изминатите 30 години најголемиот дел од медицинскиот кислород бил произведен со употреба на процес на апсорпција на притисок (PSA-Pressure Swing Absorption), кој се состои од три главни фази:

Притисок: воздухот од атмосферата е компресиран и складиран во сад со висок притисок.

Апсорпција: воздухот поминува низ молекуларни сита каде што азотот се апсорбира од алуминиум и силициум соединенија познати како зеолит. Останатиот воздух се испраќа преку резервоар за воздухот.

Намалување на притисокот: воздухот поминува низ наизменични резервоари во серија циклуси за да се отстранат несаканите гасови. Крајниот резултат е чист кислород до 96 отсто. Овој кислород се чува во резервоар и може да се испорача во цилиндри за кислород.

Извор: Al Jazeera
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука