X
 13.07.2020 Образование

Летна школа со Биби и Боби: Ќе учиме букви, но и да соработуваме, критички да размислуваме, а и ќе играме и растеме

„Светот на Биби“ во рамките на едукативниот центар „Бибиверзум“ овозможува онлајн-настава „Ја учиме азбуката со Биби и Боби“ за сите дечиња. Преку неа сите пријавени ќе може да ја научат азбуката, но и да се стекнат со многу други вештини, а сето тоа низ игра и забава. Часовите ќе ги водат тројца едукатори во „Бибиверзум“: Магдалена Петреска, Наташа Маџевска и Златица Апостолов. Инаку, досега над 120 дечиња ги следеа демо-часовите за летната онлајн-школа.


Учење со игра и забава, дружење и нови пријателства
- Неизмерно сум горда и среќна што ќе можеме заеднички да се дружиме во ,,Светот на Биби“ преку онлајн-наставата во рамките на едукативниот центар ,,Бибиверзум“. Нашата дружба со дечињата почнува на 20 јули, ќе биде три пати неделно по 30 минути преку подготвените содржини, песнички, видеа, анимации, гатанки и поговорки со многу љубов, трпение и истрајност. Ќе ја научиме македонската азбука заедно со Биби и Боби. Ќе бидеме модерни и наставата ќе ја следите преку вашите компјутери, лаптопи или мобилни телефони користејќи ги е-алатките за учење на далечина преку апликацијата ,,Зум“ - вели Магдалена Петреска.

Магдалена Петреска

Наставата може да ја посетуваат деца на возраст од 3 до 8 години. Преку неа на забавен начин ќе може да стекнат нови знаења. - Ќе чекориме сигурно на секој нов час, меѓусебно ќе комуницираме, разменуваме идеи, ќе стекнеме нови пријателства, а најважно од сè - на интересен и несекојдневен начин ќе ги научиме сите 31 буква од азбуката - вели Петреска.

Поддршка за психо-социјалниот, емоционалниот, мисловно-говорниот и моторичкиот развој


 Наташа Маџевска објаснува дека овој тип на далечинско учење овозможува продолжување на воспитно-образовниот процес на децата од 3 до 8 години и во летниот период. Преку онлајн-учење децата на нов и интересен начин стекнуваат знаење за користење на е-алатките за поддршка на учење од далечина и преку игра, песна и креативни активности ја учат азбуката со препознавање, именување, правилна артикулација и дискриминација на гласовите и нивните знаци наречени букви. Сите букви заедно ја прават нашата македонска азбука.

Наташа Маџевска

- Активностите се придружени со кратки видеа за секоја буква, песна, приказна, нарација и објаснување од страна на едукаторите. Овие онлајн-активности се поддршка и потикнување на воспитно-образовниот процес кај децата за учење од далечина. Децата ја учат азбуката и истовремено се поддржува психо-социјалниот развој, емоционалниот, мисловно-говорниот и моторичкиот развој во учење на далечина. Часовите поминати со Биби и Боби го потикнуваат ведрото и радосно расположение кај децата и свесноста за секојдневни предизвици - вели Маџевска.

Размена на идеи, развивање критичко мислење, соработка


Златица Апостолов објаснува дека во една група ќе има по 10 учесници. Ќе се одржат вкупно 18 часа, а секој час ќе трае околу 40 мин.

Златица Апостолов

- Преку позитивната атмосфера за учење во вашите домови, на интересен и забавен начин ќе бидат пренесени предвидените содржини. Акцентот ќе биде на изучувањето на македонската азбука, интерактивноста помеѓу учесниците во групата, размена на идеи, мислења, развивање на критичкото мислење и меѓусебната соработка. Затоа, ајде да се дружиме и да уживаме во содржините што ги подготвивме за вас! Ве очекуваме – додава Апостолов.

Поради големиот интерес, во вторник (14 јули) ќе одржиме уште три демо-часови. Може да се пријавите со пополнување на формуларот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование