X
 13.11.2020 Наша тема

Како со „Дали паметиш Милице“ победија во конкуренција од 17.000 учесници. Нашата пијанистка Ема Попивода за дуото со Асами Сате во Токио

Со моите студенти имам пријателски однос, но строга сум во барањата кон нив за активна и постојана работа и вежбање на материјалот помеѓу часовите. Се обидувам секојдневно да ги насочувам кон професионален пристап во работата, доследност, посветеност и градење љубов кон музиката, вели Попивода

Родена во музичка фамилија во која нејзините мајка, баба и прабаба свиреле на пијано, ќе си помислите дека е сосема очекувано што Ема Попивода од шестгодишна возраст почнала да создава музика на црно-белите клавиши, а сега веќе е наградуван концертен пијанист и професор на академијата во Штип. Сепак, според неа, талентот е само мал дел од рецептот за успех, додека напорната работа е пресудна во оваа професија. Со организиран баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот и со безрезервната поддршка што ја има од нејзиното семејство, Ема успешно ги совладува сите препреки во кариерата. Многу често нејзината ќеркичка Вивиен седи покрај неа и мирно ја слуша додека вежба на пијаното.
Попивода својот квалитет повторно го потврди со наградата што неодамна ја доби во Токио за соработката со пијанистката Асами Сате во конкуренција од 17.000 учесници. Тие беа наградени за композицијата за две пијана „Дали паметиш Милице“ од циклусот Ноктурно оп. 52 б на македонскиот композитор Димитрије Бужаровски.

За каков вид натпреварување стануваше збор во Токио?

- Градот Токио распиша конкурс – Japan for Art за поддршка на уметниците. Конкурсот беше наменет за музичките уметници што работат и за време на карантинот што се случи речиси во целиот свет и кои својата работа можат да ја прикажат преку видеоснимка. Интересот за конкурсот беше навистина голем и само во првиот час од отворањето аплицираа 17.000 уметници.



Како дојде до соработката со Асами Сате?

- Со Асами се познавам од 2015 година. Ја запознав преку заеднички пријател музичар со кого таа била заедно на студии во Америка. Тој ми ја препорача како одлична пијанистка која би можела да настапи на Фестивалот за современа музика МОДОАРС, кој го организирам секоја година. Многу ѝ се допадна Македонија, особено нашата култура, гостопримливоста на луѓето и храната, така што својот годишен одмор во изминативе години го користеше за да дојде во Македонија.

Како ја избравте токму оваа тематика за Вашиот проект?

- По предлог на Асами решивме да ја работиме композицијата Ноктурно оп.52 б - „Дали паметиш Милице“ напишана за две пијана. Снимањето на двата клавира беше предизвик бидејќи ги снимавме посебно, најпрво таа во Токио, па на испратената снимка јас со слушалки го доснимив мојот дел, што на крајот резултира во одлично снимена онлајн-композиција за пијано дуо.
За видеото како инспирација послужи архитектурата на Кензо Танге, кој на некој начин ги поврзува нашите два града, Скопје и Токио.
Милан Тоциновски го изработи видеото, Сојузот на композитори на Македонија ми дозволи да снимам на пијаното Безендорфер, а Давор Попивода беше продуцент на целиот проект.


Сате и Попивода по концерт во 2016 година

Дали ова Ви е прва меѓународна награда, и ако не е, како би ја рангирале меѓу другите?

- Добитник сум на повеќе меѓународни награди и секоја од нив претставува признание за работата во одреден период од мојата кариера. Оваа награда во Јапонија ми е особено драга бидејќи не претставува само мој личен успех, туку и ја промовира нашата земја, нашата култура, музика и уметност. Штом ќе биде возможно, во план е турнеја во повеќе градови во Јапонија со концерт за две пијана, заедно со Асами.

Кога почнавте професионално да се занимавате со музика?

- Почнав да свирам на пијано на шестгодишна возраст. Потекнувам од музичка фамилија. Мојата мајка, баба ми и прабаба ми свиреле на пијано, па било природно и мене да ме запишат во музичко училиште. Од мала имав многу концерти, настапи на натпревари, награди, но веројатно со одлуката да се запишам во средно музичко започна и мојот професионален пат како музичар.
Дипломирав, магистрирав и докторирав на ФМУ – Скопје, а неколку месеци поминав на усовршување на музичката академија „Моцартеум“ во Салцбург и на „Дартингтон академија“ во Англија.

Како професор на музичката академија во Штип, кој е најчестиот совет што им го давате на студентите?

- Со студентите имам пријателски однос бидејќи поминуваме многу време заедно, во кое не само што активно работиме на програмата за испит туку и дискутираме на различни теми. Строга сум во барањата кон нив за активна и постојана работа и за вежбање на материјалот помеѓу часовите. Се обидувам секојдневно да ги насочувам кон професионален пристап во работата, доследност, посветеност и градење љубов кон музиката.



Како ја одржувате креативноста во овој тежок период за уметниците?

- Одржав повеќе онлајн-концерти и неколку концерти на отворено според дадените протоколи. Го искористив периодот и за пишување музика за еден голем проект кој го подготвувам за напролет. Во времето поминато дома напишав и три книги за почетници за пијано со нов метод и пристап на работата во изучувањето на инструментот, кои наскоро ќе бидат објавени.



На кој начин го балансирате приватниот живот со професионалниот? Колку часа на ден посветувате на инструментот?

- Секој пијанист мора секојдневно да вежба, а пред концерт потребни се повеќе часови за вежбање, понекогаш дури и шест до осум часа дневно. Но, тука е важна и поддршката од целото семејство, која јас навистина ја имам. Најмногу од сопругот Давор, но и од ќеркичката Вивиен, која од мали нозе е научена да слуша и честопати седи до мене и слуша за време на пробите.



Кои, според Вас, се трите најважни компоненти за да се биде успешен концертен пијанист?

- Талент, работливост и факторот Х. Сите ја знаеме изреката 1% талент, а 99% работа. Работата е пресудна во нашата професија. Потребни се долги часови работа, секојдневно вежбање, голема посветеност, тренинг не само технички, туку и психички и умствено. Последниот фактор Х е оној што го поседуваат дел од пијанистите што имаат способност да ги споделат емоциите преку музиката, да владеат со сцената, да комуницираат со публиката додека свират, да креираат вистинска магија на сцената.

Фото: Ема Попивода
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема