X
 14.05.2024 Образование

Студентски магазин УКЛО КОЛОРС - студентите на УКЛО на комуникациската трансферзала со европските колеги

Боите оживуваат кога има светлост, па така бојата на јоргован го „оживеа“ УКЛО и ги разлеа своите нијанси спојувајќи се со другите бои на КОЛОРС.

УКЛО е единствениот македонски универзитет кој успешно функционира во алијанса која гради европски универзитет. УКЛО КОЛОРС означи можности и напредок за универзитетот, академските и стручните кадри, но првенствено и најважно - за студентите.

На трансферзалата на соработка со своите колеги од партнерите во Aлијансата, студентите од УКЛО, сега веќе под името STUDENTS OF COLOURS, продуцираат најразлични интелектуални изработки, притоа градејќи значајни компетенции, знаења и вештини, менторирани од врвни професионалци. На полето на јазиците, македонскиот константно одекнува заедно со германскиот, францускиот, шпанскиот, хрватскиот, латвискиот, полскиот, италијанскиот, шведскиот, и секако, англискиот.

1

Овој продукт, прв од свој вид, па и на ниво на Aлијансата, е првиот двојазичен студентски магазин УКЛО КОЛОРС! Низ 40-ина страници жуборат боите на многубројни активности, настани, креации и кокреации, изразени низ призмата на младиот интелект.

Во подготовката, преводот од македонски на англиски јазик, лектурата на прилозите, техничкото уредување на магазинот беа вклучени студенти од сите три циклуси на студии на УКЛО и од сите единици на УКЛО. „Им честитаме на студентите за успешно започнатата мисија и им посакуваме таа да продолжи во годините што доаѓаат и преку неа сите облици на студентско пулсирање на УКЛО да бидат што е можно повидливи за пошироката јавност, но и да останат запаметени во универзитетската архива засекогаш. Затоа што студентите навистина имаат што да ни кажат и затоа што нивниот глас вреди да се слушне – овде и сега, секаде и секогаш!“, истакна во предговорот во име на редакцијата вонр. проф. д-р Силвана Нешковска од Педагошкиот факултет на УКЛО. Редакцискиот одбор кој долги години го водат раководителката за односи со јавност м-р Елизабета Ангелеска-Атанасоска и м-р Соња Тантарова-Груеска, главен и одговорен уредник на УКЛО ФМ, во соработка со проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, професорката д-р Силвана Нешковска и академскиот раководител на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска, беа јадрото на професионалци кои ги менторираа, координираа и водеа студентите на патот кон создавање на магазинот.

Студентите беа автори на прилози, но придонесуваа и во најразлични улоги неопходни за реализација на ваков комплексен потфат. Техничкото уредување го спроведоа Катерина Стојкоска и Марија Митревска, преведувачи беа: м-р Елена Шалевска, м-р Марија Стојаноска, Димитар Атанасовски, Ева Нешкоска, Иванчо Јоноски; уште автори на прилози беа и: Дарија Чекинато, Стојанка Ќупчева и Викторија Лoшковска; лектурата на македонски јазик ја спроведе м-р Марија Стојаноска.

1

Студентскиот магазин беше промовиран на прославата на 45-годишнината од основањето на УКЛО во чие чествување беа вклучени уште неколку важни моменти: опфати 100 години од Институтот за тутун во Прилеп и 90 години од првото студентското здружување. Годинава, студентите на УКЛО се здружија под боите на европски универзитет, и како УКЛО КОЛОРС, градат на свој начин иднина за себе и за следните генерации! УКЛО КОЛОРС студентскиот магазин е двојазичен, тој е креативно дело видливо и надвор од нашата земја, достапно за поширока јавност.

„А како ние, студентите на УКЛО, прераснавме во STUDENTS OF COLOURS? Како што се вели, потребни се корења и крилја – и потоа да се искачиме на плеќите на џиновите за да гледаме подалеку и за да можеме подобро! УКЛО КОЛОРС се корењата, крилјата и плеќите на севкупна интелектуална творевина во која се испреплетуваат врвни професионалци, под чие водство ние ги осознавме и негуваме нашите потенцијали.

uklo

Така и продолжуваме - со колоритна кокреација. Ги засадуваме и нашите коренчиња, да плодат интелектуално здравје за иднината на нашите поколенија. Космополитски, се разбира - бидејќи имаме прекрасни крилја за боите на нашата сончевина.“

Искрено ваши, УКЛО СТУДЕНТИ ОД КОЛОРС

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование