X
 14.07.2023 Наука

Фотографија од Земјата и Месечината направена од планетата Марс

Се наоѓате на Марс, гледајќи наназад во планетата Земја. Како се чувствувате?

Ако погледнете со помош на двоглед, ќе видите мала бела точка која орбитира околу поголема точка. Тоа е нашата Месечина, која орбитира околу Земјата.

Ова не е најимпресивната слика што некогаш сте ја виделе од Земјата и Месечината, но оваа едноставна слика од орбитерот „Марс експрес“ на Европската вселенска агенција успева да го долови тоа чувство на „бледо-сина точка“.

Земјата првпат беше опишана како бледо-сина точка од научникот Карл Сејган, инспириран од слика од 1990 година, направена од „Војаџер 1“ на НАСА додека гледа назад кон Земјата. Фотографијата го поттикна Сејган да го одржи својот влијателен говор,  нагласувајќи ја нашата одговорност да постапуваме пољубезно еден кон друг и да се грижиме за зачувување на нашата планета.

марс
Фотографија од Земјата и Месечината од „Марс експрес“

Поминаа повеќе од три децении откако беше направена таа фотографија. Во периодот од тие три децении голем број вселенски сонди на сличен начин ја фотографирале планетата Земја, додека патувале до нивните дестинации во Сончевиот Систем.

Исто така, роверите и орбитерите околу Марс испратија дел од фотографиите додека го истражуваа Марс. Сепак, пораката на Сејган од 90-тите станува поитна од кога било.

- По повод 20-годишнината од лансирањето на „Марс експрес“, сакавме да се потсетиме на зборовите на Карл Сејган. Климатските промени и еколошката криза ги прават повалидни од кога било - вели Хорхе Хернандез Бернал од Универзитетот во Баскија. Хернандез е дел и од тимот на „Марс експрес“.

- На овие едноставни снимки од „Марс експрес“, Земјата е со големина колку мравка, гледана од далечина од 100 метри и ние сите сме таму. И покрај тоа што досега сме виделе вакви слики, и понатаму се чувствуваме понизно: треба да се грижиме за таа бледо-сина точка затоа што не постои планета Б - додава Хернандез.

- Фотографиите немаат некаква научна вредност, но бидејќи условите ни овозможија да ја фотографираме Земјата, ја искористивме можноста да создадеме сопствен портрет на домот - вели Даниела Тирш, член на тимот на „Марс експрес“.

Извор: Esa.it
Фото: ESA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука