X
 26.10.2015 Образование

Анксиозноста не ги одминува и нашите студенти и средношколци

Анксиозност, депресија, панични напади, нервоза, различни видови стравови. Ова се само дел од состојбите кои ги мачат денешните млади луѓе, велат психолозите. Во Македонија нема статистички податоци конкретно за вкупниот број на ансксиозни лица, но психолозите тврдат дека сè почесто се случува млади луѓе да бараат помош поради симптоми на некоја од овие состојби.



Страв од нешто неодредено

Секој кој се соочил со чувството на анксиозност може да се согласи дека е навистина непријатно чувство. Кога се појавува, анксиозноста е проследена со неколку психофизички симптоми: потење на дланките, забрзано срце-биење, зголемена потреба за воздух, страв од нешто неодредено, несоница, загриженост, напнатост, хронична индигестија. Важно е да се напомене дека овие симптоми се со различен степен на интензитет кај секое лице кое поминува низ едно вакво искуство.

Доколку почувствувате некои од симптомите на анксиозност, не паничете. Еве неколку едноставни техники кои може да ви користат. Прво важно е да запомните дека вашето тело и ум се сосема во ред. Потоа земете длабоко воздух и задржете го колку можете, па полека испуштете го. Оваа постапка повторете ја 4-5 пати. Многу е важно да не пружате отпор на анксиозноста. Не реагирајте со страв, бидејќи стравот го храни стравот. Една подолга прошетка на свеж воздух или часови по јога може да ви годат и клучно е да ја промените менталната активност. Колку и да ви се чини тешко, обидете се да ги насочите мислите кон нешто што ве оспокојува во дадениот момент. На крајот пожелно е да посетите и добар психолог.

Проблем настанува кога амбициозноста се комбинира со притисок

Младите се навистина амбициозни, енергични, активни и позитивни. Но кога ќе се искомбинира притисокот од ваквите сервирани пораки со фактот дека процесот на создавање, созревање и осамостојување е понекогаш болен, неизбежна е појавата на одредени психолошки состојби како анксиозност, депресија, недостаток на концентрација и фокус, нервоза, вели Дора Попова, основач на Центарот за применета психологија „Дора", која е дипломиран психолог и социотеравпевт.

- Да се следат трендовите на современото натпреварувачко општество кое изобилува со пораки за натпросечен успех, висока заработка, амбиции и самодоверба е навистина предизвикувачки, но сето тоа има и свои темни страни. Многу млади луѓе ја условуваат својата лична вредност токму од амбициите, постигнатиот успех и заработката. Давајќи посебно значење на своите стремежи, личноста верува дека заслужува добар партнер за себе со слични квалитети како нејзините, но од друга страна и не може да го одбегне прашањето „Дали јас доволно вредам за оваа личност мене да ме сака?“ Особено е важно да се напомене дека комерцијалната литература од некои познати и “успешни“ автори, социјалните мрежи и сајтови не само што изобилуваат со бурните пораки кои погоре ги наведов, туку од друга страна се промовира и она што е баланс, спокојство, среќа, љубов кон себе и другите луѓе. Всушност совршен е оној човек кој покажува натпросечен успех, но во исто време успева да го одржи и балансот во себе и да ги зачува своите морални вредности. Сето ова звучи моќно и привлечно - вели Попова.

Како што таа информира, кога во Центарот доаѓаат млади клиенти со проблем како што е анксиозност, депресија или недостаток на концентрација, најпрво се обидува да ги насочи кон себе, да го слушнат својот внатрешен глас и самите да ја “извадат“ онаа автентична потреба што ги прави среќни.

- Колку и да звучи едноставно, тоа не секогаш е лесен процес. Некогаш личноста само мисли дека го сака тоа што го прави, а некогаш и искрено признава дека едноставно се чувствува изгубено и не знае што сака - додава Попова.

Не се затворајте, побарајте помош

Психологот од советувалиштето „Тајна“, Милка Ололоска информира дека во изминативе месеци се` почесто работи со лица што страдаат од анксиозни и депресивни растројства.  

- Според моето искуство, паничните напади веќе се над депресијата.  Сите лица кои имаат проблем со депресија или некое друго психолошко пореметување, треба да побараат помош, а ако одбиваат помош,  што често се случува, тогаш треба да им помогне семејството, пријателите. Не е добро тоа што овие лица најчесто се затвараат во себе и немаат потреба од комуникација - смета Ололовска.

ФАКТИ:

Според евиденцијата на американската асоцијација за анксиозност и депресија, овие состојби се најраспространети од менталните растројства и од нив страдаат 40 милиони лица (од 18+), односно 18 отсто од популацијата. На светско ниво, пак, едно од 13 лица страда од некакво анкзиосно растројство.

Генерализирано анксиозно растројство - 6,8 милиони лица (3,1%)
Жените се двојно попогодени од мажите

Панично растројство - 6 милиони лица (2,7%)
Жените се двојно попогодени од мажите

Социјална анксиозност - 15 милиони лица (6,8%)
Подеднакво честа и меѓу мажите и жените

Специфични фобии - 19 милиони лица (8,7%)
Жените се двојно попогодени од мажите

Опсесивно-компулсивно нарушување - 2,2 милиони лица (1%)
Подеднакво честа меѓу мажите и жените

*Податоците се за САД

Автор: Антонија Поповска-Христов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование