X
 15.03.2021 Колумни

Животот во светот на дезинформации – инфодемија на денешницата

Длабоко етаблираната и систематски негуваната омраза и одбивност, би рекла, кон кој било напор да се поправат нештата, многу убаво се храни со ширењето дезинформации, потпалувањето на страстите, неприфаќањето на личната, индивидуалната одговорност како императив за фундаментирање на колективната, како и со негувањето на внимателно создадената поларизација по сите основи

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште


Корона-климата, во која опстојуваме повеќе од една година, е само еден од низата сегменти на живеење кои овозможија на површина да испливаат сите напластени проблеми, сите долготрајни модалитети на однесување, сите закоравени аспекти на гледање на работите – се потврди правилото дека најубаво се гледаме во тешкотиите и исплива на површина секој од нас, конечно, онаков како што е.
Сведоци сме на силната експлозија на информации од различен вид, експлозија која според ефектот што го постигнува при ширењето, зафаќањето на нашите умови и создавањето на новите, чудни матрици, остава впечаток дека, за жал, се работи за вистински „бинг-бенг“ зафат, кој создаде „универзум“ во кој лагата е вистина, вистината е лага, спинот е модел на владеење, успехот е блеф и заслуга на другиот, неуспехот е случајност и вина на другиот. Изместен свет полн со прифаќање на она што се пласира „на прва“ без проверка, без размислување за валидноста, без застанување макар за момент, оној што би послужил за прашањето: Дали ова е точно, дали е можно? Свет во кој дури и толку очигледните отрови се голтаат како дневна доза иљач, затоа што сѐ е прифатливо и сѐ е точно, во зависност од тоа во која фолија е завиткано. Секако, и во зависност од тоа кој е пласирачот и од кои причини го прави тоа. Конечно, свет во кој секој си верува во својата вистина, искреирана според тоа каков визир има и како ги сфаќа компонентите што ја градат - свет во кој никој никому не верува и секој секому му е никој.

Нејсе. Короната е типичен пример за тоа колку успешно може да се искреира амбиент на верба (или недоверба) во сѐ што ќе се пласира како информација, поврзана со монструозново чудовиште кое коси и носи сѐ пред себе. Од Вухан и супата од лилјак наваму, преку различните теории на заговор врзани за 5Г-мрежите, преку Бил Гејтс и чипирањето, преку бранењето и осудувањето на мерките на заштита, преку клинчот меѓу ваксерите и антиваксерите, особено аспектот кој, ве молам, во 21 век, задира во важноста од вакцинацијата, стасавме и до моментот кога која било информација кога се вакцините во прашање се дочекува со прилично омасовен презир, потсмев и осуда – и кога ги нема, зошто не се набавени без да се здогледа дека во тоа немање не сме сами, и кога ќе стасаат така како што, за жал, за нас вака недоволно подготвени, недоволно способни за големата игра, вака мали и на маргините по важност, во моментов единствено и можат да стасаат - зошто ги има. Можеме да зборуваме за оправданоста на причините за недоверба во системот, секако. Реални се и оправдливи. Но притоа не треба да заборавиме на фактот дека на болен организам му е потреба внатрешна поддршка, особено во услови кога изостанува надворешната, но ете. Толку можеме, за жал, па автодеструкцијата се престори во наш национален спорт со многу дисциплини. Сите во трката со пречки, секако.

Длабоко етаблираната и систематски негуваната омраза и одбивност, би рекла, кон кој било напор да се поправат нештата, многу убаво се храни со ширењето дезинформации, потпалувањето на страстите, неприфаќањето на личната, индивидуалната одговорност како императив за фундаментирање на колективната, како и со негувањето на внимателно создадената поларизација по сите основи. Тоа е нашата реалност денес. Намерно пласираните дезинформации најчесто имаат заднина која сите сме во состојба да ја препознаеме, но не сите можеме и сакаме, впрочем, да ги категоризираме истите како такви - секако, од различни, секој свои причини. Ширењето на дезинформациите во ваков контекст има свесна основа – да подбуцне, да внесе страв и недоверба, да креира механизам на осуда и како такво, мошне вешто успева да дерогира значителен дел од здраворазумската мисла, со што нејзиното аргументирање успева да го направи речиси невозможно. Затоа ставовите на „сезнајковците и дежурните експерти“ имаат дури и поголема тежина од темелните анализи на стручњаците. Затоа слушаме и читаме тиради кои толку се повторуваат, што полека го попримаат форматот на вистина, која веќе не се доведува под знак прашалник и секој обид за спорење е залуден. Дури и кога се во прашање оние за кои вистината секогаш била ѕвезда водилка, а на кои компасот, веројатно поради многуте дилеми во поглед на правецот, некако ете, им се расипал. Дел од нас, пак, ги прифаќаат дезинформациите како неприкосновена вистина и ги шират понатаму едноставно затоа што навистина веруваат во нив. Причините за ваквиот став, пак, секако лежат многу подлабоко од лошата намера и се рефлексија на неукоста и дефинираните плафони, кои го детерминираат погледот на свет и тука корекцијата едноставно не е можна.
Освен короната, која е со нас толку време што се чини бескрајно и од која може најубаво да се види влијанието на дезинформациите врз нашиот светоглед и однесувањето, ми паѓаат в очи уште неколку аспекти кои периодов се актуелни, а кои покажуваат како го доживуваме она што го гледаме и читаме. Секако, и зошто. Едниот, за мене како посветен учител за кого образованието е форма на живот, секако многу важен е ставот кон најавените реформи, за кои многу сум пишувала и јас и многу мои колеги, за кои училницата и она што во неа се случува е професионалниот императив. Многу дезинформации се проширија периодов, многу несогласувања и делби испливаа на површина и го покажаа сиот талог во професијата. Многу реакции без аргументи, многу аргументи без основа, многу страв со основа, многу ниски удари без потреба. Како што и досега сум кажала, дел од вината е секако во задоцнетиот проток на валидни информации од страна на надлежните, поради што се остави простор за шпекулации, градби, надградби и дивоградби кои тешко можат да се урнат – особено во долго негуваниот амбиент во кој во образованието има сѐ, само не критериуми, стандарди и најважното – љубов кон учителствувањето. Затоа не помогнаа ниту пресовите, ниту постојаните обиди да се објасни во што е суштината. Затоа и докажаните професионалци кои работеа на концепцијата и кои зад себе сепак, имаат багаж кој тежи, со леснотија беа исплукани и нарекувани дилетанти, аматери и незналици. Затоа и секој што се обиде да застане на страната на професионалниот разум доби етикета која не ја заслужува, но ќе си ја носи заедно со информацијата која како таков го оквалификувала. Затоа и секој што се обиде да потсети дека сме учители заради децата, а не заради нас, исто така доби брош за реверот од професионалниот жакет, и тоа од оние што некогаш го почитуваа токму поради тоа што е. Денес не го доживуваат како таков затоа што одбива да прифати став дека на образованието не му треба иљач. И тоа како му треба. Дека ако сакаме лекување, мора да го почнеме веднаш. Оти и онака е доцна.
Исто така, многу индикативен момент за тоа како со (дез)информација може да се уништи и најблагородното нешто – музиката, ми е спотот на Васил Гарванлиев и неговата песна за овогодишната Евровизија. Прашање на вкус е, секако, но песната е прекрасна, гласот моќен, амбиентот на Даут-пашин амам, прекрасен. Но ете, од целата прекраснотија која можевме да ја видиме, да ја вкусиме, да ја допреме низ прекрасната нота, со брзина на светлината се пласираа информации за омажот на рускиот фрескописец, аплициран со реплики од фрески со ликот на Исус, кој се гледа во заднината и чии бои се идентични со знамето на боите на нашиот сосед. Наеднаш, и уметноста се стави во политички контекст, никој веќе не зборуваше за песната, за момчето кое ја изнесе на волшебен начин. Не се здогледа ниту обидот заедно со песната да се прикаже и националното уметничко богатство на ова убаво парче почва. Со ширење на информацијата се прошири и невидената пизма која се фокусираше и на ликот на Васил, како и на веќе познатиот и длабоко етаблиран феномен на предавство. Следуваа очајните објаснувања на пејачот и неговите апели за сплотување, еднакво споделувани како информација достојна за нови плуканици. Приказната финишира со извинување од Националната галерија, која посочи дека е направена ненамерна грешка при закачувањето на деловите од омажот, по варосувањето од пред неколку години. Не помогна многу целата разврска – информацијата дека дефинираме национално предавство и со песна е раширена и нема механизам со кој таа распространетост и прифатеност може да се анулира.
Што може да се направи околу прашањето на дезинформирањето?
Ако се тргне од фактот дека во голем дел дезинформирањето тргнува и од оние што треба да се залагаат за точно, прецизно и веродостојно пласирање на информации, одговорот на ова прашање не е едноставен. Ако се земе предвид и фактот дека многу долго и посветено е работено на овој зафат, стои фактот дека за санирање на последиците е потребно барем двојно повеќе време од времето кое е вложено за уривање. Секако, и под претпоставка дека има и добра, искрена намера и потенцијал тоа да се направи. Имено, ако треба да се потенцира дека е нужно да се чита повеќе од насловот или дека секогаш се проверува изворот од кој информацијата протекува, за да се сфати нејзиниот понатамошен тек, веќе во старт се покажува големината на проблемот, кој се чини нерешлив. Нештата се такви, едноставно.
Сепак, она што го сметам за важно во ерата на наплив на информации, особено кога се младите во прашање, секако е вложувањето во нивната медиумска писменост. Состојбите покажуваат дека само медиумски писмени луѓе се способни да го следат и да учествуваат во јавниот живот, користејќи ги сите медиуми умно, здраворазумно и критички. Можат да препознаат што е вистина, а што дезинформација, да ги сфатат сите дискурси, особено политичките, за жал, кај нас како оние највлијателните, а ќе им се овозможи и да изградат вештини на критичко мислење и самоизразување.
Патот не е лесен, не е ниту краткотраен, секако. Но, ако еден од најголемите проблеми на денешницата е токму инфодемијата, која ни го креира светот како полигон во кој најдолго живеат дезинформациите, а најбргу умира вистината, тогаш немаме многу опции, освен борбата против неа.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни