X
 31.05.2019 Живот

Ученици во Индија ја плаќаат школарината со пластични шишиња

Нашата планета моментално се соочува со највисоката количина на гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата во историјата. Се чини дека почнавме да сфаќаме дека сме сведоци на катастрофа што се случува пред нашите очи, па затоа бараме позитивни иницијативи што можат да ја сменат трагичната моментална состојба во која живееме.

„Акшар“ е прилично нетрадиционално училиште во Индија. Земајќи го предвид проблемот со кој се соочува планетата, ова училиште ги тера учениците да носат пластични шишиња секој ден на училиште.

Еден од основачите на училиштето, Мазин Мухтар, вели дека идејата ја смислил заедно со неговата сопруга.

- И двајцата сонувавме за нов вид училиште специјално дизајнирано за сиромашни деца. Го формиравме „Акшар“ истата година кога се запознавме, во 2016 - вели Мазин.



- Кога го почнавме центарот за рециклирање, родителите не соработуваа. Така, дојдовме до идејата за „пластична школарина“ за да ги принудиме родителите да рециклираат. Училиштето беше бесплатно со години пред да почнеме со оваа политика. Во реалноста повеќе станува збор за задолжителна домашна задача отколку за школарина, но со тоа што го именувавме како „пластична школарина“ ги потсетивме родителите дека училиштето е целосно бесплатно, но најмалку што можат да направат е да ни помогнат нам и да си помогнат себеси со тоа што децата носат чист, сув, пластичен отпад од дома - додава тој.



- Сакавме да формираме бесплатно училиште за сите, но наидовме на проблем кога сфативме дека постои поголем социјален и еколошки проблем во оваа област. Сè уште се сеќавам како нашите училници мирисаа секојпат кога некој во околната област гореше пластика. Тука, норма беше да се гори пластиката за да се стопли народот. Сакавме да го промениме тоа и затоа почнавме да ги охрабруваме учениците да носат пластичен отпад како училишна школарина - вели еден од основачите на училиштето, Пармата Сарма.

Пред отворањето на училиштето, повеќето од децата работеле во блиските каменоломи. Таму заработувале околу 2,50 долари дневно. Бидејќи училиштето не можело да ги плати децата, пронашло алтернатива. На постарите ученици им било понудено да ги подучуваат помладите и на тој начин да заработат бонови со кои можат да купуваат грицки, хартија и облека.

Исто така, учениците можат да побараат од наставниците да купат нешто онлајн. Наставниците ги менуваат нивните бонови во вистински пари и го нарачуваат тоа што го сакаат учениците од „Амазон“.



Исто така, училиштето ги учи учениците и родителите за штетните ефекти од пластиката. Според Пармата, многу родители користеле пластика за затоплување на домовите. Откако училиштето почнало да ја едуцира заедницата, сите биле шокирани кога ги сфатиле опасностите на кои ги изложуваат своите деца.

- Го користиме детскиот труд за борба против детскиот труд - сиромашните деца треба да заработуваат пари за да останат на училиште. Ги вработуваме децата како тутори и социјални работници. Нашите ученици учат повеќе за да заработат повеќе - ние им плаќаме врз основа на нивните вештини и знаења и им даваме казни за нивното лошо однесување. Како што учениците преминуваат од пониско во повисоко одделение, нивните плати се зголемуваат. Освен тоа, платите се зголемуваат и од нивните вештини за подучување - вели Сарма.



Децата остануваат на училиште додека тоа не најде кариера за нив - преку колеџ или стажирање. Освен наставата, тинејџерите развиваат стручни вештини, во текот на критичната возраст од 12 до 18 години. Учениците учат англиски, математика и наука, но во средно училиште наставната програма вклучува столарија, везење, рециклирање, фотографија и наскоро напреден курс за соларен техничар.

- Наплаќајте им со пластика, научете ги да бидат одговорни за нивната околина. Ако ова го прави секое училиште, тоа може да влијае врз кризата со пластиката. Учениците учат да се справат со проблемите што ги погодуваат нивните заедници и тие развиваат машини и пронајдоци како дел од нивните предмети за решавање на проблемите - велат основачите.

Секој ученик носи околу 25 парчиња пластичен отпад неделно како свој придонес кон заедницата, а Мазин и Пармата, парот што го создаде училиштето, сега имаат амбиција да создадат уште 100 вакви училишта низ цела Индија.

Фотографии: Bored Panda
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот