X
 15.05.2021 Наша тема

Тенисерката Лина Ѓорческа: Најголема и единствена цел ми е пласман меѓу светските топ-50

Можам да кажам дека учеството на сите четири гренд-слем турнири е мој најголем успех во сингл конкуренција и остварување на сонот. А во двојки можам да го издвојам турнирот во Бол, Хрватска, каде што игравме во финалето на ВТА-турнир од 125.000 долари. За понатаму планот е да обезбедам учество на годинашниот Ју-Ес опен, секако, доколку биде возможно полесно и повеќе да се патува, вели Ѓорческа

Ненаметлива и скромна, но со работна етика на вистински спортски професионалец, нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа не покажува знаци на забавување во остварувањето на нејзините цели во кариерата. Дваесет и шестгодишната тетовчанка веќе може да се пофали со еден трофеј годинава, и тоа во двојки, на турнир во Франција и со силен настап на турнирот во поединечна конкуренција во Швајцарија. Таа во кариерата ја има почувствувано магијата на гренд-слем терените, откако има настапувано во квалификациите на сите четири вакви турнири, но нејзините тениски апетити сè уште растат и следен на менито е долго посакуваниот пласман меѓу најдобрите 50 светски тенисерки на ВТА-ранкингот.

- Оваа „чудна“ година немав услови да одиграм толку турнири колку што имав во план, но зад мене имам многу добар настап на турнир во сингл во Швајцарија и титула во двојки во Франција. За понатаму планот е да обезбедам учество на Ју-Ес опен, секако, доколку биде возможно полесно и повеќе да се патува. Најголема цел, а и единствена во кариерата моментално ми е да сум помеѓу најдобрите педесет тенисерки во светот - вели Лина.



Брат ѝ ја заразил со тенис

Благодарение на тоа што како мала му била вечна сенка на нејзиниот брат, Лина на тој начин се заразила со спортот. Токму брат ѝ е главниот виновник што таа фатила тениски рекет и почнала да го тренира овој спорт. Лина е израсната во спортска фамилија - нејзините родители се поранешни одбојкари.

- На шестгодишна возраст почнав со тенис. Тенисот ми е единствен спорт што го имам тренирано и дефинитивно сум го направила најдобриот можен избор. Брат ми тренираше тенис во тоа време и поради тоа што тој е мојот идол во секој поглед, јас морав да го копирам и да правам сè што прави и тој, па така почнав со тренинзите. Моите родители се поранешни одбојкари, меѓутоа, никогаш не инсистирале сосила да тренирам нешто што не го сакам. Пораснав играјќи фудбал и кошарка со брат ми, па и ден-денес сè уште е така - вели Лина.

Кога почнав, немав цел да станам професионален тенисер

Лина на самите почетоци немала јасна цел дека еден ден ќе стане професионален тенисер. Таа интензивно тренирала и го изучувала овој спорт, од едноставна причина бидејќи тоа најмногу ја интересирало. Сепак, нејзината компетитивната природа излегла на површина на премиерните настапи на турнирите и тогаш веќе ѝ станало јасно дека во играњето тенис ја гледа својата иднина.

- Почнав да тренирам во Тетово, во 2001 година, но поради ситуацијата каква што беше во мојот град, продолжив да тренирам во Скопје со Зоран Леонтиќ. Искрено, тенисот не ми беше долгорочна цел од почетокот затоа што бев уште малечка и не размислував така. Едноставно си одев на тренинзи и потоа почнав да одам на турнири низ Македонија и не само што учествував, туку од почетокот почнав да освојувам први места. Со текот на времето, како што растев и напредував, така почнаа јуниорски турнири надвор од Македонија, на кои навистина имав многу добри резултати и тогаш веќе знаев дека тоа е вистинскиот пат за мене - додава Лина.



По првиот освоен турнир ги однесов најблиските на вечера

Лина го одиграла првиот професионален турнир на 16-годишна возраст. Нејзин најдобар досегашен пласман на ВТА-ранкингот е 116. место, остварено во 2017 година, а моментално се наоѓа на 205. позиција. Сепак, пандемијата си го направи своето и недостигот на турнири и можноста да се патува влијаеја врз нејзиниот ранкинг.

- Првата професионална победа ми беше на првиот професионален турнир што го имам играно, на шеснаесет години. Турнирот беше во Унгарија со награден фонд од 10.000 долари и по поминати квалификации, во првото коло од главниот турнир играв против Полина, девојка од Русија. Се сеќавам дека и јас, а и моите родители бевме многу среќни, а воедно тоа ми е и прв турнир на кој заработив пари, односно 100 долари. Првиот турнир го освоив веќе наредната година, на мои седумнаесет години, во Арад, Романија. Се сеќавам дека со парите од првиот освоен турнир ги однесов моите најблиски на вечера во еден ресторан во Тетово - се сеќава Лина.



Оставена сум сама на себе

Едниот дел од нејзиниот тениски сон Лина го има остварено со настапите на сите четири гренд-слем турнири. Тоа било во рамките на квалификациите, но сепак е огромен успех за нашата тенисерка. Да се живее професионално од тенисот е тешка задача и бара целосна посветеност, со оглед на тоа што патувањата и учествата на турнирите се скапи и само најдобрите секоја година можат да го одржуваат тоа темпо. Сепак, Лина е решителна да продолжи во исто темпо со јасна цел, а тоа е пласман меѓу топ-50.

- Можам да кажам дека учеството на сите четири гренд-слем турнири е мој најголем успех во сингл конкуренција и остварување на сонот. Во двојки можам да го издвојам турнирот во Бол, Хрватска, каде што игравме во финалето на ВТА-турнир од 125.000 долари. За да живееш од тенисот, тоа е возможно единствено ако си во најдобрите 200 во светот и ако учествуваш на сите гренд-слем турнири во текот на годината, а сите други не можат да живеат само од наградите освоени на турнирите. Меѓутоа, поголем дел од играчите имаат поддршка од нивните федерации и државата, што не е така кај мене. Во мојот случај сум „оставена сама на себе“ од нашата тениска федерацијата, но имам добри резултати во континуитет, па можам да се финансирам, секако, со најголема поддршка од моето семејство. За понатаму планот е да обезбедам учество на Ју-Ес опен, секако, доколку биде возможно полесно и повеќе да се патува - додава Лина.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема