X
 15.05.2022 Наука

Седум дена одмор од социјалните мрежи ја намалуваат депресијата

Луѓето што седум дена се одмориле од социјалните мрежи „Тик-ток“, „Инстаграм“, „Твитер“ и „Фејсбук“ изјавиле дека се чувствуваат подобро, покажува истражување на Универзитетот во Бат.

Истражувачите испитувале 154 луѓе на возраст од 18 до 72 години и ги поделиле во две групи - на едната ѝ бил даден пристап до социјалните мрежи, а на другата не. Испитаниците ги користеле социјалните мрежи во просек осум часа неделно.

Користејќи три признати теста, истражувачите ги процениле нивните нивоа на анксиозност, депресија и добро расположение. Од нив било побарано да го рангираат својот одговор со изјави како: „Се чувствувам оптимистично во однос на иднината.“

Мерење на депресијата и анксиозноста

За да ја измерат депресијата, на учесниците им биле поставувани прашања од типот колку често биле вознемирени во изминатите две недели поради мал интерес или задоволство од извршување на работите.

Анксиозноста била следена со помош на општа скала за анксиозно нарушување, која одредува колку често на лицето му пречи чувството на нервоза или е „на работа“ и не може да престане да се грижи.

Кај оние што направиле еднонеделна пауза од социјалните мрежи се покажа дека нивното добро расположение се искачило од 46 на 55,93 на скалата Ворвик-Единбург за ментална благосостојба.

телефон
Фото: Freepik

Нивоата на депресија во оваа група паднале од 7,46 на 4,84 во прашалникот за здравјето на пациентите, додека анксиозноста паднала од 6,92 на 5,94 на скалата. Водечкиот автор, д-р Џеф Ламберт, изјави дека резултатите укажуваат на умерено подобрување на депресијата и благосостојбата и скромно подобрување на анксиозноста.

И мала пауза прави разлика


- Голем дел од нашите испитаници пријавија позитивни ефекти од исклучувањето од социјалните мрежи преку подобро расположение и помалку анксиозност. Тоа покажува дека и мала пауза може да има влијание. Секако, социјалните мрежи се дел од животот и за многу луѓе тие се незаменлив дел од тоа кои се и како комуницираат со другите - вели д-р Ламберт.

- Но, ако поминувате часови на социјалните мрежи и чувствувате дека тоа има негативно влијание врз вас, важно е да го намалите времето за да видите дали тоа ќе помогне - додава тој.

Резултатите од истражувањето ги поддржуваат претходните истражувања во САД и во Велика Британија кои ја поврзуваат редовната употреба на социјалните медиуми со повисока стапка на депресија и анксиозност. Но, не е утврдено дали употребата на социјалните мрежи води до проблеми со менталното здравје или дали постојните чувства на инфериорност ги принудуваат луѓето да бараат потврда за сопствената вредност на интернет.

Научниците се надеваат дека во иднина ќе го проучат влијанието на одморот од социјалните мрежи врз одредени сегменти од населението, како што се помладите луѓе и оние со физички и ментални здравствени проблеми.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука