Да не беа тврдоглавите стем-клетки што со текот на времето се „заглавуваат“, можеби и немаше да побелиме. Навистина.
Во истражување објавено во списанието „Нејчр“, научници од Медицинскиот факултет „Гросман“ при Универзитетот во Њујорк открија дека меланоцитните стем-клетки, кога ќе се заглават, престануваат да го произведуваат протеинот кој е потребен за боја на косата.
Што се случува со клетките?
Истражувањето спроведено врз глувци покажува дека меланоцитните стем-клетки нормално се движат помеѓу различни делови во развојните фоликули на косата. Тие делови им овозможуваат да созреат и да го апсорбираат протеинот што ќе ги претвори во пигментни клетки, со што постојано ја обојуваат новата коса.
Овие клетки постојано се движат и менуваат зрелост, што е нивна единствена карактеристика. Но, во некои случаи тие заглавуваат во делот наречен „испупчување“ на фоликулата и не можат да се вратат во таканаречениот „герминативен дел“. Кога се заглавени, нема пигмент, па нема ни боја.
- Изгубената способност на меланоцитните стем-клетки да се однесуваат како камелеони веројатно е виновна за појавата на седа коса. Овие резултати сугерираат дека подвижноста и способноста за обратна диференцијација се клучни за здрава и обоена коса - вели Мајуми Ито, главна истражувачка и професорка на Катедрата за дерматологија при Њујоршкиот универзитет.
Просто речено, ако меланоцитните стем-клетки продолжат да се движат или ако успееме некако да ги натераме да се движат пак, ќе нема толку бели влакна на косите на луѓето.
Косата расте иако е без боја
Меланоцитните стем-клетки се фокусираат исклучиво на производство на пигмент и се разликуваат од клетките одговорни за самото растење на косата. Тоа значи дека косата може да продолжи да расте и без боја.
Истражување покажало дека со стареење на процесот на растење на косата, бројот на меланоцитните стем-клетки заглавени во „испупчениот дел“ значително се зголемувал.
Клетките што останале подвижни ја задржале способноста за производство на пигмент. Но, со текот на времето и со промените во условите за нивно функционирање се зголемува веројатноста за побелување. Иако и стресот се поврзува со појавата на седа коса, друго истражување на „Харвард“ покажува дека стресот само го забрзува циклусот на растење на косата, што доведува до побрзо стареење на фоликулите.
Од нејасни причини, системот на меланоцитни стем-клетки откажува порано од другите стем-клетки во организмот, што доведува до побелување кај поголемиот дел од луѓето и глувците.
Извор:
Popular Mechanics
Фото: Freepik