X
 23.06.2017 Наука

Која е причината за Паркинсонова болест?

Научниците пронашле цврст доказ кој ја потврдува хипотезата дека сопствениот имунолошки систем на телото игра важна улога во развојот на Паркинсоновата болест. 

Не е јасно дали ова откритие ја опишува примарната причина или само ја влошува постоечката состојба. Сепак, ова е чекор напред при изнаоѓање на нови методи за третман и рано поставување на дијагнозата.

Паркинсонова болест е невролошка состојба која ја имаат повеќе од 10 милиони луѓе во светот. Се карактеризира со треперење, потешкотии при движењето и вкочанетост. Симптомите се појавуваат заради недостаток од неврони во одреден дел од мозокот наречен „substantia nigra“, клетки кои се одговорни за производство на допамин. Без тоа, регион не може ефикасно да ги филтрира пораките од мозокот до телото, па се јавува вкочанетост во мускулите.

Уште од 1925 година, имунолошкиот систем се смета дека е „виновен“ за штетата која се создава на мозочните клетки, но таа хипотеза не била анализирана доволно од тогаш. Во 2014, со истражување продолжиле научниците од универзитетот во Колумбија, кои откриле дека одредени клетки од имунолошкиот систем можат да ги препознаат и да ги нападнат мозочните клетки. Во други студии е откриено дека одредени фрагменти од протеинот „alpha-synuclein“, кој се акумулира во мозочните клетки од луѓето со болеста, може да активира клетки вклучени во автоимуните напади.

Генетски студии пак, покажуваат дека болеста е поврзана со варијации од гени активни во имунолошките одговори, па тоа е дополнителна причина за да се сомнева во „збунет“ имунолошки систем и напад меѓу самите клетки.

Потребни се уште истражувања за да се донесат конечни заклучоци, а научниците се надеваат дека набрзо ќе постигнат поголеми резултати се со цел да се пронајдат нови начини за дијагностицирање и третман. Голем проблем е тоа што оваа болест не може никако да се дијагностицира се додека не се појават симптомите.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука