X
 15.11.2022 Наша тема

Студентски дом или стан под кирија - студенти ни ги споделија добрите и лошите страни и колку ги чини еден месец

Околу 200 студенти што годинава аплицираа за престој во студентските домови во Скопје не добија место и се принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат. Со оглед на тоа дека студентите веќе се вратија во предавалните и не можат да следат настава онлајн, како за време на пандемијата, тоа ги принуди сите да се снаоѓаат со сместување. Во време кога студентскиот дом „Стив Наумов“ работи со половичен капацитет, а „Кузман Јосифовски-Питу“ е затворен и се чека нивно реновирање, кое од Министерството за образование и наука најавија дека ќе почне идната година и ќе трае 30 месеци, студентите што студираат во престолнината спас бараат во изнајмувањето станови среде криза.

Според студентите, кога станува збор за сместување во студентски домови, најголем е интересот за државниот студентски дом „Гоце Делчев“, а тоа го потврдија и од МОН.

- За сместување во студентските домови во Скопје („ДСД Гоце Делчев“, „ДСД Стив Наумов“, „ДСД Пелагонија“, „ДСД Томе Стефановски – Сениќ“) во рамките на првиот конкурс аплицираа 3.523 студенти (2.452 студенти од повисоките години и 1.071 бруцош), а интересот вообичаено е најголем за „Гоце Делчев“. Резултатите од сместувањето се објавени на огласните табли во домовите - велат од МОН.

Во конкурсот објавен во јули беше наведено дека во овие студентски домови има 3.292 слободни легла, што значи дека 231 студент останале без сместување во студентски дом.

Од енергетската криза и последиците што произлегоа од неа се погодени и студентите, кои постојано ги бараат најповолните решенија за своите потреби. Скопје се смета за скап град во однос на другите градови од Македонија, па затоа направивме споредба на условите и трошоците на студентите што живеат во студентски дом и во изнајмен стан.

Иако станарината во домот чини 3.695 денари, вкупните трошоци на студентот изнесуваат околу 200 евра месечно вклучувајќи јадење надвор од домот бидејќи тоа во мензата не им е доволно, како и за рекреација и слично, ни објасни студентка сместена во „Гоце Делчев“.

Генерално, најголемите поплаки на студентите сместени во дом се за храната. Тие имаат платено појадок, ручек и вечера, но според нивните изјави, честопати квалитетот на храната не е на завидно ниво. Прашавме што нудат домовите за јадење, каде јадат студентите доколку не им се допаѓа храната во домот и што доколку некој студент е алергичен на одреден вид храна.



- Појадокот и вечерата се лоши. Често се случува истата баничка од минатиот ден да ни биде дадена за појадок. Само ручекот е добар, понекогаш има и десерт. Порциите се мали, значи по секој оброк треба да јадеш уште нешто. Ако не ни се допаѓа храната, нарачуваме од некои сендвичарници или купуваме готвена храна од маркети. Да бидам искрена, мене повеќе ме чини храната отколку сместувањето во домот. Во врска со алергиите, сите ја јадеме истата храна, доколку некој е алергичен, тогаш не јаде – ни сподели студентка која е сместена во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Покрај другите недостатоци во домот, како најголем проблем студентката го издвои неработењето на лифтовите.

- Дефинитивно лифтовите се најголем проблем. Не е хумано да се качуваш четиринаесет ката, а преку ден да светат светлата по ходниците. Потоа, треба да имаме подобри порции, т.е. нормална храна. Во 21 век јадеме баничка од вчера и скиснат јогурт. Интернет речиси и да нема, мора да се снајдеме за да имаме пристап до него, иако во домот има рутери кои функционираат, но интернет нема. Најчесто учам во соба, но понекогаш одам и во читалница. Често читалницата е полна и нема доволно капацитет за сите студенти.



Според студентката, причините поради кои тие би одбрале живот во стан наместо во студентски дом се: лифтот, храната и тишината која им е потребна за учење и за добар сон, што во студентскиот дом често ја нема поради забавите, гласната музика и пеењето кое трае до доцните часови. А предностите на животот во студентски дом се тоа што постојано се опкружени со млади луѓе, има дружба и солидарност на секој начин.

За разлика од студентите што живеат во студентски дом чии вкупни месечни трошоци се околу 200 евра, студентите што живеат во изнајмени станови плаќаат кирија од 100 евра, па нагоре, од човек. Оние поевтините нудат и пооскудни услови, што лесно може да се види на огласите за издавање.

- Јас сум од Охрид, а студирам во Скопје. Живеам заедно со цимерка и плаќаме по 200 евра од човек за станот. Трошоците за кирија зависат од повеќе фактори, на пример, големината на станот и локацијата. Режиските трошоци зависат од тоа на што се греете во станот, дали има централно греење или сопствено греење. Најчесто поголеми сметки добиваме во зимскиот период. Инаку, месечно ни се потребни уште околу 200 евра за јадење, рекреација и други потреби - вели студентката.

На прашањето дали становите во Скопје нудат соодветни услови за сумата што ја плаќаат студентите, тие одговорија дека најчесто е така, со оглед на тоа што има голем број станови во Скопје, кои ги одбираат согласно средствата што ги имаат.

Студентите што доаѓаат од другите градови од државата сметаат дека престојот во Скопје е скап, но не е недостапен.



- Сметам дека е скапо, но тоа зависи од примањата на родителите. Со две просечни македонски плати не е невозможно, но е потешко родителите да издржуваат студент во Скопје. Со оглед на тоа што не поседувам сопствен стан во Скопје, имаше две опции каде да живеам - стан под кирија или студентски дом. Пресуден фактор да се одлучам за стан беа лошите услови во студентските домови и несериозниот пристап на вработените кон студентите (на пр., студентите ја чекаа листата со примени долг период откако почна академската година без покрив над глава) - додава студентката.

На прашањето дали би живеела во студентски дом и кои услови треба да се исполнат за да живеат студентите во дом, студентката одговори:

- Би живеела во дом кога би била сигурна дека следното утро ќе имам и греење и вода и струја, кога хигиенските услови ќе бидат на повисоко ниво и кога квалитетот на кадарот ќе се подобри.
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема