X
 01.06.2016 Економија

Колку всушност чинат нискобуџетните летови од Скопје и Охрид?

Се обидовме да откриеме за колку се разликуваат цените на билетите од најавената почетна цена и дали и навистина може да се купи авиобилет по толку примамлива цена. Генералниот заклучок е дека цените за нискобуџетните летови се нешто повисоки од тие на рекламите, но ако имате среќа и доволно трпение можете да начекате неверојатно исплатливи билети.



Нова директна линија од Скопје до Копенхаген по почетна цена од 25 евра за еден правец, летајте од македонската метропола до Берлин за 30 евра, од Скопје до Лондон за само 35 евра, од „Александар Велики“ до Истанбул за 30 евра, видете го Дубаи за 190 евра, се само дел од најавите на нискобуџетните авиокомпании кога воведуваат нови летови од главниот град до европските дестинации. Но, колку реално чини авионскиот билет до овие дестинации?

Се обидовме да откриеме за колку се разликуваат цените на билетите од најавената почетна цена и дали навистина може да се купи авиобилет по толку примамлива цена? Генералниот заклучок е дека цените за нискобуџетните летови се нешто повисоки од тие на рекламите, но ако имате среќа, доволно трпение и редовно ги следите понудите можете да начекате неверојатно исплатливи билети.

Цената на билетите кај нискобуџетните авиокомпании најмногу зависи од периодот за кој се купува билетот. Според тоа, авиобилетите се најскапи за Нова година, Велигден, Божиќ, како и во топ-сезоната во зима и во лето, кога многу луѓе ги користат годишните одмори. Затоа честопати во овие периоди билетите за нискобуџетните летови чинат речиси исто колку и за регуларните.

Дополнително, нискобуџетните авиокомпании наплаќаат буквално за се, од чекирање багаж, избирање седиште во авионот, првенство на качување во авион, промена на носителот на авиобилетот, откажување или одложување на патувањето... Кога ќе се соберат сите овие трошоци понекогаш нискобуџетниот лет може да чини и поскапо отколку регуларен.

Од друга страна, колку порано се купи билетот за нискобуџетниот лет, толку му е пониска цената. Ова е извонредна шанса за тие што си ги планираат патувањата многу однапред да најдат билет по нивна „ценовна мерка“. Дополнително, речиси сите нискобуџетни компании нудат картички за лојалност или попуст, со кои може да се добие попуст и до 40 отсто од првичната цена.

На интернет-страницата на нискобуџетната авиокомпанија „Визер“, која што од Скопје лета до повеќе од 20 градови низ Европа ги проверивме цените на повратните авиобилети до неколку популарни дестинации за период од пет дена во средината на јуни. Последните нови летови кои што „Визер“ ги промовираше од Скопје се до Берлин и Копенхаген. Според најавите на менаџментот на компанијата при промоцијата на летовите, беше наведено дека цените на билетите почнуваат од 25 евра за Копенхаген и 30 евра за Берлин. За средината на јуни, основен повратен билет до данската метропола чини 154 евра. За оваа сума купувачот на билетот има само седиште во авионот и може да внесе едно парче рачен багаж. Доколку сака дополнително да чекира куфер од 23 или 32 килограми, ќе треба да доплати 30 односно 40 евра за во еден правец.

Основниот повратен билет до Берлин е двојно поевтин од тој за Копенхаген и за средината на јуни чини 64 евра. Сепак, за да се чекира багаж треба дополнително да се плати иста сума како и за Копенхаген, па крајната цена на повратниот билет е 124 евра .

Летот до Лондон беше меѓу првите што „Визер“ ги воведе од Скопје пред неколку години. Почетната цена за билетите, како што се најавуваше на почетокот, изнесуваше 35 евра. Според нашите проверки, основната варијанта на повратен билет до Лондон за средината на јуни е 97 евра, при што за чекирање багаж се доплаќаат 35, односно 45 евра за еден правец.

За истиот период во јуни, повратен билет од Скопје до Истанбул со авиокомпанијата компанијата „Пегасус“ чини 118 евра доколку патникот има само рачен багаж. Доколку сака да чекира и поголемо парче багаж до 20 килограми, билетот ќе го чини 135 евра.

Најголема разлика во цените од првично најавената има кај авиокомпанијата „Флајдубаи“, каде што повратен билет чини 357 евра. Во оваа сума, освен рачниот багаж, е вклучено и големо парче багаж до 20 килограми, како и еден оброк за време на летот.

Граѓаните кои често ги користат услугите на нискобуџетните авиокомпании објаснуваат дека за да се најдат евтини летови, патувањата треба да се планираат многу порано и да се следи движењето на цените на билетите.

Агенциите кои што посредуваат за продажба на авиобилети потенцираат дека цените, особено кај нискобуџетните авиокомпании, не треба да се земаат здраво за готово бидејќи се менуваат од ден во ден.

- Цените на овие билети многу зависат од интересот. Доколку се забележи зголемена продажба за одредена дестинација за конкретен период, автоматски се зголемуваат. Сепак, не треба да се создава атмосфера дека ниските цени кои што се наведуваат се само реклама бидејќи навистина има повеќе начини и да се најде билет со таква или минимално повисока цена. На пример, „Визер“ нуди годишни картички за членство со кои може да се обезбеди голем попуст, многу често има дневни попусти, како и акции кога за еден купен билет добивате уште еден гратис. Само треба секојдневно да се следи нивната страница и може да се начека добра зделка – објаснуваат од агенциите-посредници за продажба на авиобилети.

Заклучок: Нискобуџетните летови се најисплатливи кога купувате билет порано и носите малку багаж

Последниве неколку години откако нискобуџетните авиопревозници влегоа во земјава, драстично порасна бројот на превезени патнициод аеродромите во Скопје и во Охрид. Според податоците на ТАВ Македонија, трите нискобуџетни авиокомпании кои оперираат од земјава, „Визер“, „Пегасус“ и „Флај Дубаи“ заедно превезуваат речиси ист број патници како и регуларните авиокомпании.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија