X
 09.09.2016 Култура

Избори и референдуми кои ќе ги затресат Европа и светот

европа 

Во Германија победи Социјалдемократската партија, СДП, со 30.5% од гласовите, меѓутоа доби 5% помалку гласови отколку на претходните избори, додека ХДУ на Меркел изгуби 4% од гласовите. Проблемот е во тоа што во покраината Мекленбург-Ворпомерн скоро и нема странски работници и бегалци, кои се основната причина за актуелните политички конфликти во Греманија, а освен тоа, ова е и изборната база на канцеларката Меркел.

Ваквиот резултат на изборите ги потресе темелите на Германија, а со самото тоа и европската политичка стабилност. Уште полошо: се најавува дека следната година во Европа и светот, се очекуваат многу драматични промени, несигурност, нестабилност.

Следните 12 месеци ќе се одржат десетина избори и референдуми кои би можеле суштински да ги променат актуелните политички односи во Европа и светот. Во текот на септември ќе се одржат парламентарни избори во Хрватска и важни локални избори во шпанската провинција Баскија. Во октомври на парламентарни избори ќе излезат граѓаните на Црна Гора, а Австријците повторно ќе избираат претседател на државата. Во текот на октомври во Унгарија ќе се одржи референдум за бегалците, а во ноември на референдум ќе излезат Италијаните кои треба да одлучат дали ќе ги прифатат суштинските уставни измени кои ги предлага премиерот Ренци.

Истовремено, Американците ќе одлучат кој ќе застане на чело на државата: Хилари Клинтон или Доналд Трамп? Кон крајот на 2016 година во Шпанија веројатно ќе се случат трети парламентарни избори во само година дена. Во 2017 следуваат парламентарните избори во Холандија, претседателските избори во Франција и избори за Бундестагот во Германија.

Сето тоа ќе се случува во време кога Европа е притисната со товарот на бегалската криза, но исто така, и под постојан стрес поради можни нови терористички напади. Затоа, во повеќето држави се зајакнуваат популистичките движења кои се залагаат за борба против актуелната политичка и финансиска елита. Последиците од ваквите турбуленции како и одлуката на Британците да излезат од ЕУ, дополнително го комплицираат и го забавуваат економското закрепнување на европските земји. Затоа не е премногу да се каже дека Европа, па и светот, се наоѓаат на драматична раскрсница.

Тешко е да се понуди убедлив одговор по кој пат ќе тргне Европа: мистеријата останува, а политичките превирања се толку динамични што е невозможно да се предвидат политичките случувања.

Резултатите од локалните избори во Германија ова најдобро го потврдуваат. Пред неколку месеци никој не можеше да замисли дека Христијанско-демократската унија на Меркел ќе биде поразена од Алтернатива за Германија. Никој не можеше ни да замисли дека ваквите резултати ќе ја принудат Меркел да ја промени својата политика.

Тука не е крај на паниката на европската елита: слични промени во октомври може да се очекуваат во Австрија, а не би било чудно во септември и Шпанија да доживее политички земјотрес.

Потоа на ред е Хрватска: ќе бира пратеници во Собраниоте, но тоа нема да предизвика големо внимание во Европа, затоа што не се очекуваат некои радикални промени.

За разлика од Хрватска, локалните избори во Баскија предизвикуваат страв поради сложената политичка ситуација во Шпанија.

Но, по речиси година дена во Мадрид не може да се формира влада, и повторно заживува идејата Баските и Каталонците да имаат не само поголем степен на автономија, туку и целосна независност. Поради бројните корупциски скандали во кои биле вклучени политичарите на двете најголеми политички партии, премиерот Маријано Рахој, никако не може да собере доволно гласови во парламентот за да формира влада.

Со оглед на тоа што Црна Гора има нешто повеќе од 600.000 жители, изборите во оваа земја, во која Мило Ѓукановиќ владее две и пол децении, не привлекува некој голем интерес, бидејќи не може значително да влијае врз политичките процеси во Европа.

Меѓутоа, затоа претседателските избори во Австрија, суштински ќе ги променат односите на оваа земја. Уставниот суд ги поништи изборите за претседател на државата на кои со 50.3% од гласовите победи поранешниот шеф на Партијата на зелените, Александар Ван дер Белен, додека Норберт Хофер, кандидатот на екстремно десничарската Партија на слободата изгуби за само 0.6% од гласовите. Ваквиот резултат на изборите беше поздравен од ЕУ како победа на разумот и демократијата, пораз на популизмот и екстремизмот.

Но анкетите покажуваат дека Хофер сега има добри шанси да победи на повторните избори. И тоа е она што најмногу ги загрижува официјален Брисел и Виена: Партијата на слободата на Хофер има корени од австриското нацистичко минато и се залага за омраза и драстична анти-имиграциска политика. Иначе Хофер е доста близок пријател со Милорад Додик и ја поддржува идејата за референдум во Србија на кој се противи цела Европа. Ако Хофер победи на изборите ќе биде најекстремниот десничар на владата во една земја, членка на ЕУ.

На почетокот на октомври, граѓаните на Унгарија на референдум ќе гласаат за прашањето: „Дали сакате ЕУ да има право да наредува задолжително населување на неунгарски граѓани во Унгарија без согласност на Парламентот?“

Во Брисел се проценува дека на овој начин унгарскиот претседател Виктор Орбан сака да ги уништи темелите на заедничка политика на ЕУ и нејзиниот план за преземање на 160.000 бегалци. Орбан, исто така е обвинет дека поставил вакво сугестивно прашање со кое ќе добие целосна поддршка, што уште повеќе ќе ја зајакне огромната моќ, а во својата земја ќе предизвика уште поголема недоверба кон институциите на ЕУ.

За разлика од Орбан, италијанскиот премиер Матео Ренци повлече навистина ризичен потег: побара 50 милиони италијански гласачи да се изјаснат дали го прифаќаат неговиот предлог за уставни измени кои треба да обезбедат политичка стабилност на земјата. Ако одбијат, Ренци изјави дека веднаш ќе поднесе оставка и со тоа ќе се предизвикаат предвремени избори.

Ренци предложи намалување на бројот на членови на Горниот дом од 315 на 100 сенатори, сериозно ограничување на нивните овластувања, и што е најважно, одземање на правото на гласање на недоверба на владата. Со ова на Италија би ѝ се овозможило да добие стабилна влада: од крајот на Втората светска војна, ниту една влада не го завршила целиот мандат. На неговите предлози сериозно се спротивставуваат опозициските партии. Тие го обвинуваат Рензи дека сака да ја укине демократијата, но вистинската причина на неговото спротивставување е желбата што поскоро да дојде до избори. Анкетите покажуваат дека Движењето на петте ѕвезди би можело да победи на овие избори: И кај Италијанците, како кај Грците, Шпанците и Хрватите, има доста корумпирани и неспособни политичари. Благодарение на популистичката реторика, Пепе Грило добива се' поголема поддршка, а што би значело неговото доаѓање на власт, најдобро прикажува неговата изјава дека веднаш ќе продолжи референдум за укинување на еврото, враќање на лирата и излез на Италија од ЕУ.

Победата на Грило, во политичките кругови во Италија и Брисел се проценува дека ќе предизвика таков земјотрес, што ЕУ веројатно не би преживеала.

Многу поголеми и потрауматични промени би можеле да се случат ако во Америка победи Доналд Трамп. Со екстремно хомофобична политичка платформа, нетолеранција кон ЛГБТ заедницата на која сака да ѝ ги одземе основните човекови права, непријателски став кон малцинствата и имигрантите, Трамп претставува најголемата закана за демократијата на Америка и светот.

Ако ЕУ преживее покрај сето ова, тогаш во 2017 година се очекуваат неизвесни и опасни предизвици. Во март ќе се одржат парламентарните избори во Холандија на кои Гирт Вилдерс, лидерот на анти-муслиманската, евроскептична Партија на слободата може да смета на сериозен успех. Вилдерс неодамна објави политички манифест во кој најавува дека во случај на победа на изборите, ќе ги затвори сите џамии, исламски училишта, ќе го забрани Куранот и носењето бурка, ќе ги забрани границите за сите муслимани и ќе ги укине центрите за бегалци.

Иако неговата партија е третата најсилна, позади коалицијата на Лабуристичката партија и Народната партија за слободата како и Демократската партија на премиерот Марк Рута, нејзината популарност доста брзо расте. Секако, во борбата против исламот, најавува и референдум за напуштање на Холандија од ЕУ.

Политичката и бизнис елитата во Европа сепак најмногу се плаши од претседателските избори во Франција во април. Експертите велат дека најголема корист ќе извлече Марин Ле Пен. Таа нејзиниот успех го должи на бегалската криза и терористичките напади во Франција - нејзината фундаментална политичка платформа заснована на антисемтиска и антимиграциска реторика, со тоа што во последните години инсистира на заострување на односот кон исламот и муслиманските имигранти. Нејзината основна парола е: „Француското државјанство го заслужува оној кој зборува француски, кој јаде француски и кој живее на француски начин“.

Анкетите покажуваат дека Ле Пен би можел лесно да влезе во вториот круг на изборите. Како и сите слични политички движења во Европа, и Ле Пен објавува дека ќе ги намали овластувањата на ЕУ, ќе го укине еврото и ќе ја зајакне улогата на националната држава.

Во Германија пак, Меркел е обвинета дека повеќе не ги контролира политичките процеси, ниту пак ја зема во предвид волјата на мнозинството на граѓаните, не ја слуша критиката и зазеде сосема погрешна позиција во однос на бегалската криза.  Ставот кон бегалците е главната причина за падот на популарноста на Ангела Меркел. Меѓу останатото, се бара построг став кон бегалците и издавањето на дозвола за престој, и целосна промена на владејачкиот политички естаблишмент во Берлин.

И покрај големиот притисок, челичната канцеларка продолжува да инсистира на нејзината досегашна политика: таа тврди дека нејзината одлука е правилна, но дека мора да ги убеди другите.  Но, предизборните анкети покажуваат дека се' поголем број граѓани мислат дека Ангела Меркел веќе долго време нема вистински договори на предизвиците кои ги носи бегалската криза и зголемената терористичка закана.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура