X
 12.12.2016 Живот

Народот што стравува од нов егзодус


Кримските Татари сè повеќе стравуваат дека историјата ќе се повтори и дека ќе доживеат нов егзодус.

Кримски Татари

Се чини дека трагичната историја на кримските Татари се повторува, само што сега се применуваат посовремени техники за прогон. По наредба на државното раководство на СССР во мај 1944 година, кримско-татарскиот народ бил масовно депортиран од Крим во подалечните делови на Советскиот сојуз. Откако Крим бил окупиран од страна на Руската Федерација, нивниот број а овој полуостров драстично се намалил.

Во текот на Втората светска војна, целата популација кримски Татари била жртва на советската политика. Иако голем број од кримските Татари учествувале во Црвената армија и во партизанските активности на Крим за време на војната, тоа што постоела Татарска лига во војската на нацистичка Германија и колаборацијата на татарските верски и политички лидери со Хитлер, им послужило на Советите како изговор да го прогласат целокупното население кримски Татари за соработници со нацистите.

Сите кримски Татари, за колективна казна, биле масовно депортирани на 18 мај 1944 година, како специјални населеници во регионите на Сибир, Урал и Средна Азија. Без документи, без право на движење дури и со цел да си го најдат сопственото семејство.

Според проценките на историчарите, биле депортирани повеќе од 194.000 кримски Татари. Во јуни им се придружиле 15.000 Грци, 12.400 Бугари и 9.600 Ерменци. Согласно наредбата на Државниот комитет за одбрана на СССР, депортираните луѓе имале право да „понесат со себе лични предмети и храна до 500 килограми за едно семејство“. Во практиката, на луѓето им биле дадени неколку минути да се спакуваат, поради што многумина заминале со празни раце, без храна и облека.

Операцијата била спроведена брзо и одлучно. Наместо предвидените 12-13 дена, целата операција траела три дена. Како конечен резултат, според извештајот од 4 јули на Лаврентиј Берија, советскиот политичар и шеф на полицијата познат и како егзекутор во Сталиновата голема чистка во триесеттите, биле иселени вкупно 225.009 луѓе, од кои 183.155 биле Татари. Татарите биле раселени во Узбечката република (151.604) и во областа на Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република (31.551).

Според податоците на Народниот комесаријат за внатрешни работи и демографски податоци за преместените лица, околу 7.889 луѓе загинале во ешалоните на пат. Како последица на тоа, во јули 1944 година, во Магаданскиот регион се разболеле 40% од депортираните. Во првите година и пол дена од депортацијата, умреле 17,8% кримски Татари во Узбекистан. Во текот на првите четири години од депортацијата, починале 46,2% кримски Татари, додека според официјалната статистика тој број е 23%.

Голем број преживеани кримски Татари во Русија поради страв од прогон, почнале да се изјаснуваат како етнички Руси.

Враќањето на Татарите на Крим се омасовило во 1987 година, особено по прогласувањето на независна Украина  во 1991 година. На Крим се вратиле помалку од 248.000 кримски Татари, а нивен политички претставник бил Мустава Џемилев. Прераснале во трета по големина етничка група на Крим.

Постојан престој на Крим во 2013 година пријавиле околу 260.000 Татари. Врховниот суд во Крим, го прогласил кримско-татарскиот парламент Меџлис за екстремистичка организација и ја забранил неговата дејност во Русија. Српскиот Телеграф разговарал со претседателот на Меџлисот и лидер на кримските Татари, Рефат Чубаров, кому му е забранет влез на полуостровот до 2019 година:    

-    Апсолутното мнозинство на Меџлисот живее на Крим, што брои 33 членови. Петмина од нив преминале на другата страна, осуммина живеат надвор од Крим и 20 луѓе сè уште се држат на Крим. Сега парламентот се наоѓа во Киев. Исто така, го мобилизиравме и Светскиот конгрес на кримските Татари. Имаме активна дијаспора во Бугарија, Романија и Турција. Мене и на мои пријатели им е забранет влезот во Крим. Денес, 22 кримски Татари се наоѓаат во затвор. Им се судеше врз основа на тоа што не ја признаваат окупацијата на Крим. Постои и гонење на муслимани. Од овие 22 лица, 19 се муслимани и ги обвинуваат дека припаѓаат на некои исламски организации.

Чубаров истакнува дека во последните 23 години, односите меѓу кримските Татари и украинските влади не се лесни. Според неговите зборови, проблемот бил во тоа што Врховната Рада на Украина секогаш им излегувала во пресрет на мнозинското население на Крим, односно на 58%  етнички Руси.

-    Без разлика на комплицираните односи со централната влада на Украина, кримските Татари отсекогаш се залагале за независна и суверена Украина. Јасно ни е дека нашите права ќе бидат заштитени само доколку во Украина има демократија. Знаете дека во советското време 50 години бевме гонети и дека не иселија од Крим. Се вративме кога Украина прогласи независност. Сталин и Хитлер на 21 век нема да нè товарат во вагони, туку ќе нè натераат сами да се иселиме.

Речиси за три години од окупацијата на Крим си заминале 50-55.000 луѓе, а половината од нив се кримски Татари. Кримските Татари се турски народ, кој на полуостровот Крим пристигнале во рамки на Златните Орди во текот на 13 и 14 век. Денес во светот живеат најалку 548.000 кримски Татари и околу два милиони луѓе со кримскотатарски корени.

После масовната депортација  од страна на СССР во 1944 година, Татарите стравуваат од нов егзодус. Чубаров смета дека Русија со засилен притисок врз кримските Татари сака да ги примора да се иселат. Сè повеќе се слушаат вести за исчезнати кримски Татари и заплашувања од страна на руските тајни служби.     
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот