X
 16.01.2025 Технологија

Ова е ново – погледнете како се емитуваат тениските натпревари во Австралија

Ако ја посетите страницата на Австралија опен на „Јутјуб“ и кликнете за да го гледате преносот во живо од натпреварите, можеби ќе мислите дека сте под влијание на халуциногени супстанции. Но, има добра причина зошто играчите, толпата, топките и сè друго изгледаат како дигитални анимации.

Првиот професионален тениски турнир во 2025 година користи иновативен начин за да се осигури дека што е можно повеќе луѓе ќе ги следат натпреварите. Како што објаснил тенискиот репортер Бастиен Фачан на платформата „Х“, Австралија опен не ги поседува сите права за емитување на своите преноси, што е доста вообичаено. Така, за да им се овозможи на навивачите да ја следат акцијата во реално време, без да прикажуваат вистински снимки, ги заменуваат играчите со дигитални аватари кои ги имитираат нивните движења, користејќи технологија за следење на движењето.

Ако ова беше вистинска тениска игра на „Wii sports“ (спортска симулациска видео игра од 2006 година, развиена и објавена од „Нинтендо“ за конзолата за видео игри „Wii“), веројатно би имало поплаки за чудни грешки како лебдечки рекети, топки кои исчезнуваат и повторно се појавуваат и звук што не одговара на дејството. Исто така, фактот што главите на играчите се преголеми, а тениските топчиња огромни, може да биде малку вознемирувачки. Овие несовршености може да се простат кога ќе размислите колку е ефективен овој метод во дозволувањето на секој што има пристап до „Јутјуб“ да може да гледа настани, без разлика каде живее или кои мрежи ги поседуваат правата за пренос на натпреварите.


На пример, минатата година НХЛ емитуваше игра во која играчите беа заменети со ликови од „Луни Тунс“. Исто така, НФЛ соработуваше со „Дизни плус“ за да прикаже алтернативна верзија на играта помеѓу Синсинати Бенгалс и Далас Каубојс на 9 декември, со тема од Симпсонови.

 

Реакциите на дигиталните аватари се позитивни - некои луѓе дури тврдат дека претпочитаат да ги гледаат овие алтернативни верзии отколку вистинските преноси.

Извор: bajtbox.com

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија