X
 16.06.2020 Наша тема

Организирани по протокол како на аеродром! Нема турканици на првиот уписен ден во средните школи

Без проблеми поминува првиот ден за уписи во гимназиите и средните стручни училишта во земјава. Се почитуваат редот и пропишаниот протокол за влегување и запишување, нема никаков застој, а директорите велат дека овој начин на запишување треба да се применува и во иднина.

Првиот уписен рок ќе се реализира во текот на неделава. Очекувано, најголем интерес има за гимназиско образование. Според конкурсот за запишување, бројот на слободни места по конкурс за упис во средни училишта изнесува 35.919, од кои: 25.447 за стручно образование, 10.064 за гимназиско и 408 за уметничко образование. За овие места ќе се борат 19.297 ученици, кои според МОН беа запишани во деветто одделение.

Пред средното медицинско училиште во Скопје

Факултети.мк ви пренесува дел од атмосферата од првиот уписен ден.

 

Митко Димовски, директор на скопската гимназија „Орце Николов“, вели дека протоколот произлезен од епидемијата со Ковид-19 по многу години им донесе растоварен прв уписен ден. Оваа гимназија веќе неколку години се соочува со голем наплив на кандидати, многу од нив со просек 5,00. Лани на првиот ден од уписите се пријавија стотина кандидати повеќе од предвидените места, а голем дел од нив беа скроз одлични.

- Добро се одвиваат уписите, нема голем наплив. Протоколот се почитува, се оди по азбучен ред. Влегуваат по еден, пријавата ја поднесува или ученикот или родителот. Има доста со 5,00 просек, сепак, конечните бројки ќе ги знаеме в петок - вели Димовски.

Гимназијата годинава ќе прими 285 ученици во 9 паралелки. Димовски е категоричен дека ќе инсистира да се полага квалификационен испит ако се пријават повеќе скроз одлични кандидати како што предвидува конкурсот.



Гимназија „Јосип Броз Тито“ - Скопје

Фанија Наумовска, директорка на гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, објаснува дека целосно се почитува протоколот. Во дворот на училиштето се означени места за чекање, а кандидатите се оддалечени на 2 метра еден од друг. Документите се примаат на едно место, кандидатите влегуваат од едно, излегуваат од друго место. Распоредени се по азбучен ред.


- Како за прв ден е порастоварено, нема турканици. Уписите траат до петок до 13 часот. Годинава примаме 204 ученици во 6 паралелки. Иако се пријавуваат солидни кандидати, не би требало да има причина да се полагаат квалификациони тестови - вели Наумовска.

Маја Салиу, директорката на средното медицинско „Панче Караѓозов“ во Скопје, вели: „Организирани сме како на аеродром“. Се следат протоколите, поради продолжениот рок разретчени се кандидатите, се пријавуваат по азбучен ред на три пункта, комисиите го следат уписите. 

Во ова училиште во прва година можат да се запишат 646 ученици, распоредени во 12 паралелки, на македонски и на албански јазик.

- Кај нас секоја година е голем интересот. Се пријавуваат солидни кандидати. Ако за некоја насока се пријават повеќе кандидати со ист успех, конкурсот предвидува тие ученици да се тестираат. Лани имавме таква ситуација, но беа само 6 ученици повеќе, па Министерството одлучи да се примат сите - објаснува Салиу.

Таа вели дека овој модел за уписи треба да се земе предвид и за понатаму, бидејќи одлично функционира.

И во битолското медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ се задоволни од интересот. Велат дека до петок ќе ги очекуваат учениците во првиот уписен рок.

- Сè се одвива мирно и со почитување на мерките. Учениците доаѓаат по азбучен ред, има интерес за сите профили, а најмногу, како и лани, за медицински сестри. Засега имаме 70 пријавени ученици, но овој број сè уште не е финален, со оглед на тоа дека одиме по азбучен ред. Можеме да примиме околу 270 ученици и не очекуваме дека ќе има потреба од квалификациони испити. Овој начин на запишување е многу подобар, покултурен и нема никакви нервози ниту кај кадарот ниту кај децата и родителите - вели директорката на школото, Наташа Илиева.

Битолското медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ 

Во средното училиште „Михајло Пупин“ од Скопје до 13 часот беа запишани 110 ученици. Уписите ќе траат и утре.

- Задоволни сме од интересот. Протоколот се реализира како што треба, добро сме организирани и сите се придржуваат, и наставниците, и учениците, и родителите. Најголем интерес има за компјутерска техника и автоматика - вели Димитар Ѓорѓиев
ев, директор на средното „Михајло Пупин“.

Средно стручно „Владо Тасевски“ (фото: „Владо Тасевски“)

Александар Србиновски, директор на школото „Владо Тасевски“ од Скопје, е повеќе од задоволен од интересот. До 12:30 часот таму имаат запишани 138 ученици.

- Одлично оди запишувањето, се почитуваат мерките. Ќе тераме со уписи до петок. Најголем интерес има на насоката телекомуникации - вели Србиновски.

Во средното училиште „8 Септември“ во Скопје до 13 часот се пријавени 25 ученици, 7 во македонска и 18 во албанска паралелка. Директорот Кенан Асани вели дека лани во првиот уписен рок бил послаб интересот.

- Обично се зголемува интересот во вториот и третиот уписен рок кога и критериумите се спуштаат. Лани имавме 70 ученици во прва година, ја очекувам таа бројка и годинава. На нашите ученици им нудиме бесплатно интернатско сместување и вработување за сите по завршувањето - вели Асани.

Ова е атмосферата што ја затекнавме при уписите во неколку средни училишта, првпат организирани на ваков начин:
















Фото: Борче Поповски
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk/Весна И.Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема