X
 17.09.2018 Наша тема

Ако некогаш имаше и по 2.000 кандидати, денес бројот на студенти на „Јустинијан Први“ е петпати помал

375 студенти од вкупно 1.035 слободни места беа пополнети во првиот уписен рок на Правниот факултет во Скопје, а уште 35 се запишаа на вториот уписен рок

Општествените науки се сѐ помалку примамливи за новите генерации студенти. Техничко-технолошките и информатичките факултети го зедоа приматот. Ако пред десетина години беше „тепачка“ да се влезе во државна квота, каде што конкурираа и по 1.000 студенти, денес тој број е намален за два до трипати.

Факултетот „Јустинијан Први“ за новата академска година имаше место за 1.035 студенти, од кои 725 за Правни студии. За овие места на првиот уписен рок се пријавија само 292 студента на Правни студии, 48 студенти на Политички студии, 23 на Односи со јавноста и 12 на новинарство. Во петокот заврши и вториот уписен рок, на кој се запишаа 35 студенти.
Слични беа бројките и на ланскиот конкурс, за мал процент поголеми.

Неда Здравева, продекан за настава
Студирањето се локализира

Проф. д-р Неда Здравева, продекан за настава, ова го објаснува од повеќе аспекти. Еден од нив е и фактот дека ова е помала генерација на матуранти.
- Интересот за студирање општествени науки во последните пет-шест години бележи пад. Една од причините е и тоа што на УКИМ пред некоја година беа укинати дисперзираните студии, за разлика од другите универзитети. Кога правевме кампања во средните школи, поголемиот број од децата одговараа дека ќе изберат информатички науки, и тоа не е никаков проблем, ама објаснуваа дека избираат да заминат во странство, а не да останат во Македонија. Друг аспект е што генерално студирањето се локализира. Речиси секој град има понекој факултет. Еве ние во последните неколку години имаме студенти главно од Скопје, Тетово, Велес, Куманово – вели Здравева.
Таа додава дека во времето кога таа студирала, односно во 1995 година, имало 2.000 пријавени кандидати за овој факултет.

Зафирова објаснува дека е логично и професорите на Правен факултет и финансиски да го почувствуваат падот на интересот, со оглед на тоа дека надоместоците што професорите ги земаат по различни основи, магистерски, докторски комисии, се намалени.
- Од друга страна, нашиот факултет нема многу опции за да заработува, таква му е дејноста. Нашите плати ги дава Владата и засега се непроменети. Морам да признаам дека платите на професорите се пониски отколку на другите правни професии, како што се судиските – нагласи Здравева.


Зголемен интерес за Односи со јавноста, опаѓа кај Новинарство

Во однос на студиите по новинарство, сѐ повеќе се намалува интересот и за оваа професија. За 60 слободни места аплицирале 12 студенти, а лани 14. Тоа кажува каков е односот кон оваа професија во земјата, велат од Правниот факултет.

Во Македонија има 22 државни и приватни правни факултети.
Дел од овие проблеми ги посочува и професорот Борче Давитковски од Правниот факултет, кој осум години беше декан на оваа институција.
- Дисперзираните студии исто така ни направија проблем, треба и квалитетот да се земе предвид. Јас често загледувам дека кога се бараат дипломирани правници, се бараат претежно од „Јустинијан Први“. Тоа доволно кажува каде е квалитетот – вели Давитковски.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема