X
 16.09.2019 Образование

Студентите не им дозволуваат на вработените да влезат во Ректоратот на Белградскиот универзитет

Студентите од протестите „1 од 5 милиони“, кои четврти ден ја блокираат зградата на Ректоратот на Белградскиот универзитет (БУ), денес не им дозволија влез на вработените во зградата.

Како што јави дописникот на МИА, студентите изјавија дека какви било преговори за влез на вработените нема да се случат сè додека Ректоратот на БУ не објави дека го осудува упадот во Ректоратот од страна на активистите на владејачката Српска напредна странка (СНС) кои ги нападнаа студентите.

Пред Ректоратот се професори кои се дојдени да ги поддржат студентите, ректорката на БУ, Иванка Поповиќ, како и лидерот на Демократска партија (ДС), Зоран Лутовац, потпретседателката на Партијата за слобода и правда (ССП), Мариника Тепиќ, и вработени во Ректоратот на БУ.

Поповиќ изјави дека претставниците на Ректоратот се подготвени отворено да разговараат со студентите од „Еден од пет милиони“ и дека очекуваат одредена толеранција од нивна страна и да мора да се постигне компромис.

На нивно барање да го осудат влезот на активистите на Српската напредна партија (СНС) во зградата на Ректоратот и нападот врз нив, Поповиќ кажа дека не гледа како е тоа можно затоа што немало никаков партиски белег.

- Ситуацијата се менува од час во час, така што ќе чекаме трпеливо за да постигнеме договор и да ја решиме ситуацијата. Подготвени сме да разговараме отворено и очекуваме одредена толеранција. Мора да има компромис - рече Поповиќ, додавајќи дека спречувањето на вработените да ги извршуваат своите активности ќе има ефект врз целиот универзитет.

Поповиќ кажа дека има одредени неодговорни изјави дека може да дојде до исклучување на водата и струјата, што, како што рече, сигурно нема да се случи.

Таа ги оцени барањата на студентите како малку флуидни и дека младите ја сфаќаат ситуацијата на еден начин.

- Ние како одговорни раководители на универзитетот не можеме да се изразиме толку слободно како што тоа го очекуваат тие од нас. Мора да бидеме одговорни во нашите изјави - рече Поповиќ.

Причините за блокадата, како што соопштија студентите, се многубројни: неодговорното однесување на надлежните (предводено од министерот за образование Младен Шарчевиќ) кон образованието, падот на списокот на универзитетот на Шангајската листа…, а главна причина за блокадата е плагираниот докторат на министерот за финансии Синиша Мали и барањето Ректоратот да упати службено барање до премиерката Ана Брнабиќ да го разреши Мали.

По повод упадот на студентите, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека нема да има интервенција каква што посакуваат.

- Тоа во Ректоратот е израз на немоќ, желба да се испровоцира полициска интервенција, загрозување на автономијата на универзитетот. Нема да има интервенција - рече Вучиќ, додавајќи дека оние што протестираат не го почитуваат својот универзитет затоа што, меѓу другото, влезени се во кратки панталони и дека меѓу нив има луѓе што очигледно не се студенти.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование