X
 16.10.2025 Забава

Објавен е трејлер за новата спиноф-серија на „Игра на троновите“

„Игра на троновите“ е една од сериите што со текот на времето станаа титан во светот на телевизијата, па затоа не е изненадување што има многу остварени, но и нереализирани проекти чија намена беше да го прошират фантастичниот свет што ја освои публиката. Иако нејзината последна сезона предизвика поделби и ги разочара критичарите и публиката, франшизата стана културен феномен и продолжи да се развива со проектот „Куќата на змејот“, чија приказна се занимава со династијата Таргериен и нивната историја, а чија трета сезона ќе дојде на Ејч-би-о кон средината на следната година. Во меѓувреме, Вестерос ќе добие уште едно проширување во форма на нова спиноф-серија, „Витез на седумте кралства“, за која официјалниот трејлер веќе е објавен.

„Витез на седумте кралства“ е базирана на романот „Приказни за Данк и Ег“ од Џорџ Р. Р. Мартин, кој има три приказни, а првата, наречена „Витезот Ограда“, е инспирација за заплетот на новата серија. 

Новиот трејлер го прикажува Вестерос приближно 100 години пред „Игра на троновите“, кога семејството Таргериен сè уште го држи Железниот трон, и ги следи витезот сер Данкан Тал (Питер Клафи) и неговиот штитоносец Ег (Декстер Сол Ансел) додека чуваат тајна што би можела да го промени светот. Првата сезона ќе има шест епизоди и за разлика од стандардот поставен од „Игра на троновите“, се очекува епизодите да бидат пократки, од 30 до 35 минути. На Питер Клафи и Декстер Сол Ансел во екипата ќе им се придружат Фин Бенет (Вистински детектив), Берти Карвел (Круната) и Даниел Ингс (Џентлмените). 

Приказната ќе биде раскажана од перспектива на обични луѓе, а не од перспектива на кралевите и кралиците што доминираат во претходните серии. Покрај тоа, приказната е помалку фокусирана на војни од големи размери и натприродни закани, а повеќе на теми за витештво, чест и пријателство во суров и немилосрден свет.

 

Извор: bug.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава