X
 16.11.2018 Живот

Што содржи Договорот за Брегзит?

Брисел и Лондон конечно постигнаа договор за излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија. Спогодбата од 585 страници ги дефинира главните аспекти од раздружувањето, со посебен фокус врз ирското прашање.

Спогодбата предвидува дека нема да се појави физичка граница на ирскиот остров. За таа цел се применува таканаречениот „бекстоп“ или безбедносна мрежа за да се избегнат гранични контроли помеѓу Република Ирска и Северна Ирска до крајот на транзицискиот период, декември 2020.

Според „бекстопот“, Северна Ирска ќе продолжи да ги почитува правилата на европскиот внатрешен пазар за сите производи. Истовремено, Северна Ирска ќе има непречен пристап до британскиот пазар.

До крајот на транзицискиот период, декември 2020, правото на ЕУ продолжува да важи и Лондон останува дел од царинската унија и заедничкиот пазар.

Во јули 2020 ќе треба да се изнајде решение за да остане отворена границата и по крајот на транзицискиот период и доколку дотогаш не е склучен трговски договор помеѓу ЕУ и Обединетото Кралство.

Опциите засега се или Лондон да го пролонгира транзицискиот период или да прифати да биде дел од европската царинска унија понатаму, што е спротивно на ставовите на најтврдите поддржувачи на Брегзит.

Британските граѓани што се наоѓаат во ЕУ и граѓаните на ЕУ што живеат во Обединетото Кралство си ги задржуваат сите социјални и други права, вклучително и оние што ќе се доселат во текот на транзицискиот период.

Договорот предвидува и дека Лондон треба да продолжи да ги почитува своите финансиски обврски, вклучително учеството во европски проекти и исплаќање пензии за функционерите. Сумата изнесува околу 45 милијарди евра.

Освен Договорот за Брегзит, двете страни сега ќе треба да договорат спогодба за нивниот „иден однос“. Тоа подразбира економски односи, како и институционални, односите во областа на безбедноста, надворешните работи или судската соработка.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот