X
 31.05.2017 Образование

Образованието на новата Влада: Ќе имаме министри со просек 10.00

Проф д-р Драган Тевдовски е избран да раководи со Министерството за финансии. Тој е професор на Економскиот факултет во Скопје. Дека ужива голема почит кај студентите, тие кажаа кога го изгласаа за најинспиративен професор на анкетата што неодамна ја спроведе Факултети мк.



Правници, електроинженери, економисти, доктори, но и новинар и книжевник ќе има во новата Влада предводена од партијата СДСМ во коалиција со ДУИ и со Алијансата за Албанците. Во Собранието во тек е расправата за изборот на новата Влада, која се очекува да биде избрана денеска. Какво образование имаат идните министри? Според биографиите кои ги доставиле до Собранието, дел од нив имаат импресивно формално и неформално образование, а некои се „фалат“ само со факултетските дипломи. Подетално за биографиите на идните министри може да прочитате на следниот линк.

Радмила Шеќеринска која ќе раководи со Министерството за одбрана е магистер по меѓународни односи на Флечер школата за право и дипломатија на Универзитетот Тафтс во САД. Дипломирала на Електротехничкиот факултет при Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје. Зборува англиски и француски јазик.

Полицијата ќе ја раководи Оливер Спасовски кој е дипломиран на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во моментов е магистранд по управно право на истиот факултет. И тој како Шеќеринска зборува англиски и француски јазик.

За министер кој ќе раководи со Министерството за правда педложен е Билен Саљији кој завршил Правен факултет на Државниот универзитет во Тетово.

Никола Димитров ќе раководи со Министерството за надворешни работи, а моментно е докторанд при Институтот за безбедност,одбрана и мир, на Филизофскиот факултет на УКИМ. Тој е магистер по правни науки на Универзитетот во Кембриџ, а претходно дипломирал на Правниот Факултет, Јустинијан Први.

Проф д-р Драган Тевдовски е избран да раководи со Министерството за финансии
. Тој е професор на Економскиот факултет во Скопје. Дека ужива голема почит кај студентите, тие кажаа кога го изгласаа за најинспиративен професор на анкетата што неодамна ја спроведе Факултети мк. Најинспиративниот професор Тевдовски магистрирал во Белград, на Економскиот факултет со просек 10. Докторирал на Економскиот факултет во Скопје, а постдоктторски студиски престој остварил во истражувачкиот центар ЦРЕАТЕС, при Универзитетот во Архус, Данска. 

Идниот министер за економија. М-р Крешник Бектеши дипломирал на Рочестер Институтот за технологија во Њујорк, САД, а со магистерска титула се стекнал на Универзитетот Шефилд во Солун, Грција.

Министер кој ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е Љупчо Николовски, дипломиран правник на Правниот факултет во Скопје, а во тек му се и магистерските студии на овој факултет.

Министерството за здравство ќе го води неврологот проф. д-р. Арбен Таравари со диплома од Медицинскиот факултет при УКИМ. На истата образовна институција специјализирал и докторирал. Тој е виш научен соработник по предметот Неврологија, во Универзитетската Клиника за Неврологија.

За Министерството за образование и наука ќе биде задолжена проф.д-р Рената Тренеска Дескоска. Дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а на истиот факултет постдипломски студии завршила со просечен успех 10,00. Докторирала на Правниот факултет во Љубљана во 2002 година, а сега е редовен професор на Правен факултет.

Министерка за труд и социјална политика ќе биде Мила Царовска. Дипломирала на Филозофски факултет, Институт за социјална работа и социјална политика, а моментно го подготвува магистерскиот труд на Медицинскиот факултет на УКИМ. Таа има големо искуство и во невладиниот сектор, каде работела на многубројни проекти. 



Министерството за локална самоуправа ќе го води Сухејл Фазлиу. Во 2010 година дипломирал на Факултет за Современи Науки и Технологии, на Универзитетот на Југоисточна Европа, Тетово.

За нов министер за култура е предложен Роберт Алаѓозовски кој во 1997 година дипломирал на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Одбранил магистерска тема со наслов “Теориско-поетички аспекти на македонската постмодернистичка проза” на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Сега ја подготвува докторската теза од областа на културниот менаџмент на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје.

Министерството за информатичко општество и администрација ќе го раководи Дамјан Манчевски. Дипломирал во 2005 година на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, насока Електротехника и телекомуникации. Во 2009 се стекнува со Sertifikat Chevening Felloowship на постдипломските студии на Универзитет Бирмингем – Обединето Кралство.

Министер за транспорт и врски е Горан Сугарески кој диполомирал на Правниот факултет Јустинијан Први, а таму ги завршил и магистерките студии по политички науки. Министерството за животна средина и просторно планирање ќе го раководи Садула Дураку кој диполомирал на Универзитетот во Приштина – Технички факултет.

Новиот вицепремиер за економски прашања, проф. д-р Кочо Анѓушев, е редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје при универзитетот “Св. Кирил и Методиј“. Во 1992 година дипломирал на Машинскиот факултет, пред предвидениот рок како првенец во генерација со просек 9,36 и останал да работи како асистент на истиот факултет. Во 1995 година магистрирал на Институтот за механика. Од 1996 година тој е научен истражувач на Машинскиот факултет во Ахен, Германија каде ја подготвува докторската дисертација насловена „Влијанието на вибрациите кај лостовите и бреговите механизми врз нивните кинематички функции“. Во 1998 година докторира на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во областа на механика и динамика на машини. Хирургот Бујар Османи ќе ги води евроинтеграциите, а дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје. Од 2014 година е докторанд на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј„ Скопје. Од 2013 година е асистент докторанд при Медицински Факултет- Скопје, предмет Хирургија. Тој завршил специјализација по хепато-билио-панкреатична хирургија во Лондон.

Кај предложените министри без ресор има и еден дипломиран новинар, тоа е Роберт Поповски, кој дипломирал на Правниот факултет во Скопје. Едмонд Адеми е дипломиран социолог на Универзитетот Свети Кирил и Методиј - Филозофски факултет - Катедра за социологија, а е кандидат магистер по филозофија. Хазби Лика е професор по Албански јазик и книжевност. Завршил на Факултетот за историја и филологија, отсек Албански јазик и книжевност, на Универзитет во Тирана, Албанија. Аднан Ќахил е професор на Педагошкиот факултет, а диполмирал и магистрирал хемија на Природно математичкиот факултет во Скопје. Самка Ибраимовски завршил на Факултетот за менаџмент на Универзитетот „Привредна Академија“ во Нови Сад. Зорица Апостолска е дипломиран економист-насока, банкарство и финансии на Економскиот факултет во Скопје, а проф.д-р Зоран Шапуриќ завршил Правен факултет, каде ги завршил и магистерските студии. Докторирал на Универзитет Свети Кирил и Методиј во Скопје – Институтут за правни, политички и социолошки истражувања а бил и на специјалистички престој на Универзитет Харвард, САД.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование