X
 02.08.2017 Технологија

„Фејсбук“ ѝ постави задача на вештачката интелигенција и...


Илустрација
(Фото: Thinkstock)

Експериментот спроведен од страна на „Фејсбук“, при што учествуваа две вештачки интелигенции кои добија задача меѓусебно да разменат предмети, беше прекинат откако работите излегле од контрола.

Се чини дека вештачките интелигенции во овој процес комуницирале на јазик разбирлив само за нив, а кој персоналот што беше задолжен за надзор во експериментот не го разбирал.

Бизарната дискусија се случила при комуникација меѓу два бота кои биле предизвикани меѓусебно да разменат предмети што имале определена вредност, а се работело за шапки, топчиња и книги.

Ботовите набргу „се расипале“ и се чини дека почнале да разговараат меѓусебно на јазик кој го креирале преку сопствени промени во рамките на англискиот јазик.

Иако самиот разговор не изгледал премногу „корисен“, изгледа дека постоеле некакви правила во истиот, пишува „Индипендент“. Начинот на кој ботовите ги нагласувале своите имиња изгледал како да се дел од преговорите, а не само „обичен дефект“. Некои од преговорите што се воделе на овој „јазик“ се чини дека успешно завршиле.

Лингвистот Марк Либерман смета дека е малку веројатно овој јазик да е претходник на нови форми на човечкиот говор.

„Прво, ова целосно се заснова на текстот, додека човечките јазици во основа се изговорени (или гестакулирани), а текстот е вештачки слој“, напишал тој на својот блог.

Ботовите исто така научиле да преговараат на начини кои се слични на човековите. Тие се преправале дека се многу заинтересирани за определен предмет, за подоцна повторно да се преправаат дека направиле голема жртва при одбивањето, стои во трудот на Одделот за истражување на вештачката интелигенција во „Фејсбук“.

Ова не е прв случај вештачката интелигенција да развива сопствен јазик. Тоа му се случило и на „Гугл“, кој дозволил вештачката интелигенција да продолжи со развивањето на сопствениот јазик. Станува збор за вештачка интелигенција која ја користат како своја алатка за преведување.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија