X
 14.09.2017 Култура

Колку библиотеки има во Македонија?

Во Македонија во моментов има вкупно 175 библиотеки. Бројот на специјализираните библиотеки во земјава е за 13 отсто зголемен, за разлика од пред три години. Бројот на останатите библиотеки е ист, објави Државниот завод за статистика. Според класификацијата на библиотеки, во Република Македонија постојат национални, високошколски, специјализирани, неспецијализирани (општонаучни), библиотеки-национални установи и јавни (народни) библиотеки.



Статистичките податоци од 2016 година покажуваат дека во Македонија има една национална библиотека, 62 високошколски, 52 специјализирани, три општонаучни, шест библиотеки - национални установи и 51 јавна библиотека. Од нив, 56 се самостојни библиотеки, додека другите се во рамките на друг деловен субјект.

За широката јавност се достапни 81 библиотека – една национална, 13 високошколски, десет специјализирани, шест библиотеки-национални установи и 51 јавна. Останатите се или за ограничен круг на корисници или само за вработените. Вкупно 104 библиотеки имаат читалници.

Интересен е податокот за бројот на членови во библиотеките. Најмногу членови имаат високошколските библиотеки – 57.681, па јавните – 33.491, следуваат општонаучните со 21.119 членови, па библиотеките – национални установи со 9.518 членови. Најмалку членови имаат специјализирани библиотеки (8.857) и националната – 789.

Во анализата, обработениот книжен фонд е поделен на книги и брошури, весници, списанија и ракописи. Најбогата според бројот на книжни наслови е националната библиотека – со 1.079.905 наслови. Очекувано, најмногу книги (примероци) има во јавните, народни библиотеки кои располагаат со 1.252.863 книги. Најмногу примероци од весници има во националната библиотека – 1.157.753, а најмногу наслови на весници – во високошколските – 70.539. Слична е состојбата со списанијата - најмногу примероци од списанија има во националната библиотека (631.476), а најмногу наслови (195.997) во високошколските. Најмногу ракописи, наслови и примероци има во националната библиотека - 31.967.

Во 2016 година најмногу корисници имале високошколските библиотеки – 333.836 корисници. Следни се јавните библиотеки со 310.483 корисници, па библиотеките-национални установи со 145.504 корисници. Националната библиотека има 86.720 корисници, општонаучните - 10.600, додека специјализираните библиотеки имаат најмалку корисници – 6.226.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура