Сите сме слушнале за оној стереотип кој гласи дека Американците се во принцип глуп народ. Се разбира, многу погрешен стереотип, но се базира на оние видеа на „Јутјуб“ каде што случајни Американци се прашани дали знаат во кој континент се наоѓа Кина или Германија, или пак да ја покажат на мапа нивната држава или некој друга голема и позната држава. Секако, во тие видеа Американците не ги знаат одговорите и врз основа на тоа многумина фаќаат сеир со Американците. Не велам дека Американците се најпаметна и најмудра нација во светот, но имаат нешто што на многу држави им фали, а тоа е инвестирање во знаење од страна на елитата. Да, спротивно од општоприфатениот став дека елитата сака да го оглупави народот за да го контролира, американската елита уште пред цел век почнува да инвестира во знаењето – најстратешка можна инвестиција.
Имено, додека бев на Work and Travel во Америка во едно гратче наречено Рокленд, кое брои околу 6.000 жители, открив некои интересни информации. Бидејќи на почетокот од летото нема многу работа, решив да ја посетам локалната библиотека, која изгледаше прилично голема и убаво изградена. Библиотеката имаше огромен број наслови од секоја област и стари и најнови изданија (всушност, има 52.000 книги во библиотеката). За да станам член на библиотеката, не платив ништо, само требаше да оставам телефонски број и адреса на живеење, а секоја книга беше бесплатна за изнајмување и можеше да се земат 10 до 15 книги за дома. Дополнително, речиси и да немаше повторувања на насловите, т.е. имаше само по една книга од секој наслов. Значи, јас не платив ниту еден цент за сите книги што ги изнајмував (не дека многу од книгите ги прочитав зашто сепак на Work and Travel се оди за нешто друго, ама открив доволно наслови кои подоцна ги купив). Подоцна дознав дека библиотеката била изградена од страна на еден од најбогатите луѓе своевремено – Ендру Карнеги. Всушност, тој заедно со Џ. П. Морган во илјадници мали гратчиња низ Америка граделе по една црква и по една библиотека. Така и во Рокленд во Мејн.
Додека ние им се смееме на некои Американци што не знаат каде била Франција на мапа (секако, има и многу Македонци што не знаат), Американците што се љубопитни и што имаат желба за знаење ги имаат сите ресурси на располагање и тоа овозможени од нивната елита. Кај нас, пак, ниту државата ниту елитата вложува многу во знаењето, а тоа е така уште од 40-тите години. Додека во Америка како странец не платив ниту еден цент, во нашите библиотеки се плаќа и годишна членска и плус некоја сума од 15 денари по книга. Секако, овие суми не се ништо за оние што сакаат да читаат, но проблемот не е во цените, туку во самиот фонд на книги во библиотеките.
Веќе неколку години ја посетувам библиотеката „Браќа Миладиновци“ (една од најголемите во Македонија) и можам слободно да кажам дека речиси и да нема некои промени во делот за научна литература (главно стари наслови, српскохрватски преводи и секако по 10 примероци од еден ист наслов колку да се наполнат полиците). Освен што нема доволно релевантна литература, постојат и строги правила за изнесување на книгите надвор од библиотеката. На пример, мора да се остави лична карта доколку се зема книга која е само во едно издание и таа може да се чита само во читалница (правилото е воведено веројатно по некои лоши искуства). Читателите се принудени да купуваат книги, да нарачуваат преку интернет или да ги печатат, т.е. да се снаоѓаат. Ниту библиотеката, ниту државата, ниту елитата не вложила и не вложува ништо посебно за да се набави најрелевантата светска литература, за да се создаваат идни интелектуалци. Ниту една институција не може да го едуцира човекот онака како што тој ќе се едуцира самиот себе во една доброснабдена библиотека.
И така, ние им се смееме на Американците, а тие имаат над 123.000 богати библиотеки низ целата земја за љубопитните умови да прераснат во гении кои ќе ја движат Америка напред кон врвот, но затоа ние имаме повеќе билтени и повеќе кладилници од книги и библиотеки, додека љубопитните ќе мора да се снаоѓаат, а државата да станува сè посиромашна со иселувањето на талентираните.
Автор: Александар Мирчески, студент