X
 21.09.2017 Наука

Дали се поврзани двата септемвриски земјотреси во Мексико?

мексико

Мексико едвај успеа да се справи со последиците од еден голем земјотрес кога друг почна да ја тресе земјата. Нормално, ова ги поттикна луѓето да прашаат: Дали тие се поврзани и дали едниот го предизвикал другиот?

Сеизмолозите ќе поминат многу време дебатирајќи за ова прашање, меѓутоа, површно гледано се чини дека не се поврзани.

На 7 септември 1985 година земјотрес со магнитуда од 8,1 погоди сличен регион на тектонската граница, но хипоцентарот - точката на потекло во Земјата - изнесуваше околу 650 километри од земјотресот со магнитуда од 7,1 што го погоди Мексико во вторникот.

Доколку вториот земјотрес беше афтершок, вообичаено би се очекувала поголема близина, во дијаметар од 100 километри, велат сеизмолозите. Иако ова не е дефинитивна изјава, а научниците ќе ги анализираат податоците како што ќе пристигнуваат, можеби на крајот ќе откријат на кој начин потресот бил пренесен во кората.

Она што е поврзано е двигателот. Мексико седи над три големи тектонски плочи. И настанот од 7 и настанот од 19 септември се случиле кога плочата Кокос, што го носи подот на Пацифичкиот Океан, навлегува во Северноамериканската плоча, платформата за поголемиот дел од мексиканската копнена маса.

Плочата Кокос се приближува со стапка од околу 75 милиметри годишно и прави некаков „грч“ кога се спушта, правејќи стрмно движење надолу пред да се изедначи и потоа повторно се потопува.

Земјотресот од вторникот потекнува од втората точка, неколку десетици километри надолу.

Сега се користат компјутерски модели за да се проценат можните жртви при голем земјотрес. Во рок од неколку часа овие предвидувања сугерираа дека може да се очекуваат до 5.000 повредени и повеќе од 200 мртви во земјотресот од вторникот.

Овие бројки може да се потценувачки кога ќе се земе предвид зголемувањето на смртните случаи во последните неколку часа.

Многу зависи од тоа во кој дел од денот се случил земјотресот. Ако се случил во текот на дневните часови, како што беше случајот и за земјотресот во вторникот, едно слабо изградено училиште може да убие многу деца, а таква е и приказната за училиштето „Енрике Ремсамен“ каде што загинале околу 20 возрасни и деца.

Земјотресот на 7 септември бил 30 пати поенергичен од новиот, но магнитудата не ја кажува целата приказна. Земјотресот од вторникот беше поблизу до населени области, а во Мексико Сити го погоди и урбаниот центар каде што се наоѓаат лабави плочи кои го засилуваат тресењето.

Подготвеноста ќе има ефект врз ограничувањето на жртвите. Мексико е едно од сеизмички најактивните места на Земјата, а научи од земјотресот во 1985 година, кога магнитуда од 8,1 уби 10.000 луѓе и остави уште 32.000 повредени. Во вторникот беше 32-годишнината.

Еден од исходите од овој трагичен настан беше воспоставувањето на систем за рано предупредување - „Система де Алерта Сисмика Мексикано“ (SASMEX), првиот во светот.

Системот се потпира на мрежа на сензори кои можат да го откријат доаѓањето на сеизмичките бранови на земјотресот што се движат брзо (таканаречени П-бранови) пред оние што се движат побавно. Подоцнежните С-бранови се оние што го предизвикуваат деструктивното тресење.

Предупредувањето, во зависност од растојанието и од потеклото на земјотресот, може да трае само неколку секунди, но има доволно време за да се усвојат класичните вежби, како што се „пушти се, покриј се и држи се“. На интернет може да се најдат видеа што го покажуваат токму ова. Со други зборови, предупредувањето дури им даде време на луѓето да ги пуштат камерите од нивните телефони.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука