X
 27.09.2017 Образование

Студентите од ФЕИТ ве повикуваат на револуција

СКЕЕОР 2017


Сакаме да ве поканиме во ноември заедно да дискутираме на теми кои подеднакво ги засегаат и богатите и сиромашните, и малите и големите, и „вашите“ и „нашите“. Веќе петта година по ред на Факултетот за електротехника и информациски технологии се организира студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој - СКЕЕОР.  Конференцијата е организирана од студентите во соработка со МАКО СИГРЕ и македонската секција на IEEE.



Целта на оваа конференција е да ги донесеме на исто место студентите, професорите и претставниците од енергетските компании со цел размена на идеи и мислења кои би довеле до решенија на секојдневните проблеми од областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој. Имено, истражувањето на одредена тема ги продлабочува нашите знаења и ја доближува проблематиката до нас. Областите на истражување се многу широки и актуелни. Покрај обновливите извори и енергетската ефикасност, студентите ќе обработуваат теми од областа на автоматизацијата и паметни мрежи кои вклучуваат интегрирање и редовно користење на електрични возила и на енергија добиена од обновливи извори. Истражувачките теми вклучуваат и енергетски ефикасни материјали и објекти. Поради разновидноста на темите, ги очекуваме и нашите колеги од останатите факултети да се пријават и со своите истражувања да ги збогатат содржините на овогодишната конференција.




Минатата година на конференцијата беа пријавени околу четириесет научни трудови, при што имавме учесници и од Романија, Турција, Србија, а имаше и пленарни предавања. Оваа година се надеваме дека конференцијата ќе го прошири својот меѓународен карактер.



Крајниот рок за пријавување на конференцијата е 30.09.2017 година, а датумот на одржување е на 25.11.2017 година. Очекуваме голем број студенти и професори од техничките и од останатите факултети затоа што оваа проблематика нè засега сите подеднакво и веруваме дека со меѓусебна соработка и размена на искуства може да дојдеме до квалитетни решенија или барем да ја подигнеме свеста за енергетската ефикасност меѓу луѓето. Во ноември на ФЕИТ очекуваме полна сала од млади мозоци подготвени да дискутираат, да се расправаат, да објаснуваат и посочуваат. Ги покануваме сите наши колеги да дојдат и да бидат дел од тоа како учесници или како гости, затоа што навистина може многу да се научи. Ги повикуваме младите, амбициозните, студентите и дипломираните да дојдат да се дружиме, да разменуваме мислења, ги повикуваме сите оние со визија да го менуваат светот да дојдат и да ја споделат истата со нас затоа што ќе има кој да ја слушне и да се обиде да ја реализира.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование