X
 28.09.2017 Колумни

КОЛУМНА: На кафе во Драмски



Колумна на Виктор Ефтимов

Кога ги сретнав беа три. Отпрвин била една, па некако се сториле три. Велат дека сега се дури девет, но за тоа во некоја наредна прилика. Значи, беа три кога ги сретнав како пијат кафе во Драмски. Мошне необично – ќе забележи обичниот набљудувач. Но, нема ништо необично во сласта на кафето, особено кога тоа се консумира пред спиење. Впрочем, нема ни ништо обично кај нив – иако денес човек ќе рече сите жени биле исти, барем по формата по која ги памети. Сепак, тоа не важи и за трите сестри што седнале да пијат кафе во Драмски.

Првата и најмлада (десно од мене) девојка ја нарекуваа Селена. Името го добила за време на младата месечина – новина, а се родила напролет зашто Мајката Земја во почетокот на вегетативната година произведувала само листови и пупки. Па и оттаму дошло „пролетта на девојката девица“.

Втората жена беше бремена. Имаше сини очи со убаво лице и поглед кој се лулаше на брановите на нејзината душа. Самата себеси се нарекуваше Афродита бидејќи беше заљубена во морето, и едвај чекаше да дојде лето за да го прослави роденденот на неговиот брег. Симбол на полната месечина – полнеж, и олицетворение на Мајката Природа: плод и цвет, воедно.

Третата жена беше воочливо постара, да не кажам старица. Имаше побелена коса и уморна става. Чинам, и јазикот, од замор, престана да оформува слогови, со што им даваше до знаење на сестрите дека не е расположена за разговор. Тие ќе ја опоменеа – Хеката, немој да ни го убиваш расположението!, за потем таа да каже збор-два и да продолжи да ужива во кафето, во снегот пред Драмски и погибелта (втората половина на месечината) на небото.

И јас пиев кафе во Драмски кога ги сретнав. Дотогаш за нив имав прочитано само возвишени зборови од некои постари списанија, демек биле налик на божици и слично. Седев сам и од досада наслушнував што зборуваа. Не дека беше правилно, ама ми беше интересно. Ја спомнаа Месечината и спомнаа нешто во врска со некоја заедничка Мајка. Потоа ја сменија темата и почнаа да зборуваат за неправдите и дискриминацијата врз нив. Едната се жалеше дека не ѝ го слушале гласот, па поради тоа не ја примиле ни на факултет; другата зборуваше за плодот во нејзината утроба што ѝ беше забрането да го абортира; а третата речиси и не прозборе затоа што веќе ги имаше надживеано проблемите со кои се соочуваа помладите сестри.

Си помислив, види ги ти вчерашниве божици – преку ноќ станале феминистки. Можеби со право, можеби не, нека проценат останатите што пиеја кафе кога ги сретнав трите сестри во Драмски; ама ни зборче не изустив бидејќи знаев дека конциве во претставава бездруго нерамномерно се затегаат.

Автор: Виктор Ефтимов

Виктор Ефтимов е студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни